Помеѓу научниците, за идентификација на сите живи нешта (животни и растенија) се користи систем од два дела, кој го содржи името на родот и видот. Овој систем бил воспоставен во 1750-та од Карл Лине, за да се надмине збрката која настанувала до тогаш, со користење на неодредени изрази и речиси поетски описи на организмите.
Научното име на нашиот вид, на пример, Хомо сапиенс, се состои од два различни зборови. Но одреден број животински видови имаат исто име и за родот и за видот, што резултира со научно име познато како „тавтоним“. Така, црвената лисица е Vulpes vulpes, ирвасот Alces alces, a лакомецот (на англиски wolverine, како оној од Икс-мен) Gulo gulo.
За нештата да бидат уште покомплицирани некои видови се понатаму поделени по подвидови, и оттаму познати по своето тројно име, кое за некои животни е тројно идентично. Знаете на пример како се вика вид јужноафриканска жирафа? Да видиме - Giraffa giraffa giraffa. Откачено е и името на индиската кобра која се вика Naja naja naja.
Сепак ова е дозволено само кога станува збор за животни. Во номенклатурата на растителниот свет, пак, ова е експлицитно забрането а дозволени се само плеоназми, односно двата дела од името да значат исто без да бидат идентични во правописот. Така, Arctostapylos uva-ursi се состои од два збора со идентично значење - мечкино грозје, на старогрчки и на латински. Picea omorika користи латински и српски термини за смрека итн.
Иако нема врска со темата таксономија, интересно е што страницата на Википедија посветена на тавтонимите содржи линк до статија за луѓе со двојни, идентични презимиња или лични имиња, односно такви кои се редуплицирани. На долгиот список има извесен Карлос Андика Андика, колумбиски кревач на тегови, Ерик Џемба-Џемба, камерунски фудбалер или Дадли Дадли, британски политичар. Меѓу ретките кои ги препознавме е името на писателот Џером К. Џером („Тројца во чамец, а за кучето и да не зборуваме“).
Ова со тавтономиите е интересен начин да се учи за имињата на животните и растенијата, особено за деца, но и за возрасни, со оглед на онаа старата - повторувањето е мајка на знаењето.