
Адолф Сакс се родил пред 201 година и е најпознат по патентирањето на саксофонот во средината на 19 век. Неговиот живот содржи и многу поинтересни детали од самиот пронајдок - уште од детството му се случувале куп несреќи, толку многу што е чудо како останал жив. Прво бил удрен по глава со цигла. Па голтнал игла. Паднал по стрмни скали. Се изгорел од жешка печка. Случајно испил сулфурна киселина. Сепак, дочекал по неговото име да биде наречен инструмент кој и денес е значаен дел од различни музички жанрови.
Хибрид на лимените и дрвените дувачки инструменти, саксофонот е нарекуван „Пепелашка на сериозната музика“. Неговиот богат, понекогаш приспивен звук никогаш нема најдено постојано место во симфониски оркестар, иако откако бил изумен француски композитори како Берлиоз и Масне експериментирале со него. Во Германија само Рихард Штраус, чија Домашна симфонија вклучувала квартет саксофони, го сметал за нешто повеќе од само дел од воените лимени оркестри.
По смртта на Сакс, саксофонот конечно си го пронашол своето место кога пристигнал во САД и почнал да се користи во џезот, а подоцна и во рокенролот. Но неговиот успех во популарните жанрови ја намалил неговата репутација во светот на класичната музика. До 1920-тите тој веќе бил толку поврзуван со џезот што ретко кој класичар сакал да го допре.
Сепак, имало исклучоци. Францускиот класичен саксофонист Марсел Мул бил еден од нив. Тој бил толку познат, што голем број дела биле напишани само за него. Според него инструментот можел да произведе „отворен, рамномерно контролиран звук кој може да 'пее' со јасно вибрато или фино испресечено стакато, но истовремено и да биде робустен и јак без да се слуша испуштањето на воздухот“. Изјавувал дека има една мисија, којашто ја исполнил - да ги натера луѓето да го сфатат саксофонот сериозно.