Во април 1815 од Тамбора, вулкан во центарот на индонезискиот остров Сумбава, од длабочината на земјата биле исфрлени милијарди тони гас и лава, а голем дел од густиот пепел завршил во атмосферата, ширејќи се низ светот и замрачувајќи го сонцето со месеци.
Самата ерупција убила десетици илјади луѓе, но долгорочните последици биле уште поголеми - предизвикана е таканаречена „вулканска зима“, феномен кога честичките исфрлени од вулканите ја одбиваат сончевата светлина, што значи дека помалку соларна радијација стигнува до земјата. Глобалните темепратури така стануваат пониски отколку што би биле под нормални околности. Слична на „вулканската“ е „нуклеарната зима“, која е главна тема на голем број научно-фантастични дела. Притоа, честичките во атмосферата се задржуваат неколку денови, а позначаен е сулфурниот диоксид кој се претфора во сулфурна киселина. Од неа потоа се формираат аеросоли високо во атмосферата, што ја блокира сонцевата светлина и неколку години по ерупцијата.
Ефектите биле почувствувани во текот на летните месеци, особено во Северна Америка. Записите велат дека бил забележан снег среде јуни, со наноси од 15 сантиметри.
Сето ова секако предизвикало хаос во земјоделството не само во САД, туку и во Европа и Азија. Сиромаштијата и гладот, како и отсуството на сонце, го намалиле имунитетот на населението, а промената на климата влијаела и на мутирањето на голем број патогени бактерии. Целата оваа атмосфера довела до книжевни и уметнички дела за кои често забораваме дека биле нејзин резултат. Токму тогаш Мери Шели почнала да го пишува „Франкештајн“, а Џон Полидори го напишал „Вампирот“ кој подоцна го инспирирал „Дракула“ на Брам Стокер. Се смета дека Годината без лето го поттикнала и изумувањето на велосипедот, бидејќи чувањето коњи за работа и за транспорт станало многу скапо. Барајќи нов начин за поефикасно движење, германскиот изумител Карл Дрез направил нешто наречено „лауфмашине“ или „машина што трча“. Концептот бил многу сличен на точакот што го знаеме денес, само наместо педали се возело со стапалата на земја.
Намалувањето на земјоделството довело и до друга неочекувана последица: поттикнување на трговијата со опиум. Во тешки времиња ескапизмот е еден од начините да се преживее, и консумирајќи ја и продавајќи ја - кинеските селани, на пример, почнале да одгледуваат опиум, а зголеменото производство довело до бум на оваа трговија која постои и денес.