Физичките книги почнаа да вложуваат повеќе од кога и да е во својот изглед, за токму тоа, естетското задоволство од тоа не само да се прочитаат, туку и да се поседуваат, да стане клучниот елемент заради кој еден читател ќе се одлучи да купи книга на хартија. И не само тоа - тие во себе ја вградуваат интерактивноста која е наводна предност на електронските книги, и покажуваат дека таа е можна и на хартија.
Таков пример е книгата на продуцентот, сценарист и актер Џ. Џ. Абрамс, автор на серијата „Лост", под наслов „С". Книгата е сместена во кутија, секоја страница (од 472-те) е полна со белешки и чкртаници, а содржи и разгледници, мапи и фотографии. Комплицирана е, збунувачка, фрустрирачка, но истовремено е крајно интересна и авантуристичка. „С" е всушност фиктивен артефакт, книга која наводно ја напишал извесен В. М. Страка, мистериозен политички дисидент. Никој не знае ништо за него, дури ни неговиот преведувач, кој ја превел книгата по авторовата смрт. Токму белешките на преведувачот се вториот „текст" на книгата, а третиот се коментарите на измислен читател на книгата, Ерик, брилијантен но неприлагоден студент кој а е опседнат со Страка. И тоа не е сè - книгата (или книгите) содржат поштенски картички од Бразил, салфетка со нацртана карта, црно-бели фотографии и извадоци од весници. Доживувањето од чепкањето по нив не може доволно ефектно да се симулира електронски.
Втор пример на графичка префинетост е онаа на Ралф Стедман, „Горд даa се биде чудден" (Proud Too Be Weirrd), која на Амазон се продава за 125 долари. За толку да се потрошите треба да сте навистина љубител на иконокластичниот британски уметник, кој ги има илустрирано делата на Хантер С. Томпсон. Ова е монографија на 448 страници на креативниот гение во која тој самиот ве води низ визуелно патување низ неговите провокативни, анархични и често шокантни цртежи. Џони Деп за него изјавил: „Ралф е толку...фин. Сепак, истовремено тој е...психопат".
Скапи, естетски совршени и интерактивни - такви ќе мора да бидат книгите на хартија и во годините кои ќе следат, за да ја одржат репутацијата на овој артефакт, макар и играле на картата на елитизмот. Иако на конзервативните како нас и не мора нешто многу-многу да ни се докажува дека тој е незаменлив.
Tрејлерот за „С“ на Џ. Џ. Абрамс