„Комбинаториката е гранка на математиката која ги проучува конечните или броиви дискретни структури. Таа е поврзана со други гранки на математиката како: алгебра, теорија на веројатност, топологија и геометрија.“
Вака пишува на македонската статија на Википедија на оваа тема, која нема да се преправаме дека ја разбираме. Но има некој кој не само што ја разбира, туку оваа година го доби и највисокото математичко признание, Филдсовиот медал, за спојот на геометријата и комбинаториката.
Уште кога студирал тој решил неколку големи проблеми во областа на комбинаториката, отворајќи пат за неа преку други гранки на математиката за да се навлезе во јадрото на секој доказ. Но кога бил помлад, Ха немал никаква желба да биде математичар. Бил тотално незаинтересиран за неа, а и за другите предмети - го прекинал школувањето во гимназија за да стане поет. Голем период на чувство на загубеност и една случајна средба многу години подоцна го натерала да сфати дека токму математиката е она што го барал.
Она што некогаш изгледало како залудно потрошено време, се покажало како клучно за сегашното признание. Неговата уметничка жичка му овозможила да гледа на математичките проблеми со свеж ум и во нив да бара убавина. И сега, кога не работи математика, тој ги чита „Медитациите“ на Марко Аурелие и романите на Хесе.
Роден е во 1983 во Калифорнија, но на двегодишна возраст се преселил со неговите во Сеул, Јужна Кореја. Таму татко му предавал статистика, а мајка му руски јазик и книжевност. Школото му одело тешко. Сакал да учи но не можел да се фокусира на училишниот материјал, повеќе го интересирале други работи. Во основно ги прочитал сите 10 тома од домашната енциклопедија и сам ја испитувал планината во близина на домот, еднаш завршувајќи во забранета зона поради присуство на мини.
Кога татко му се обидел да му објасни математика, задавајќи му задачи од учебник, Ха ги копирал решенијата од задните страници. Татко му го сфатил ова, и му ги скинал, но Ха одел во локалната книжарница и таму повторно го правел истото. По некое време родителите кренале раце.
Кога имал 16 години, во прва година средно, кое во Јужна Кореја трае три години, одлучил да го прекине школувањето и да пишува поезија. Планирал да го комплетира своето „ремек-дело“ за две години, што не се случило. Се запишал на националниот универзитет во Сеул во 2002, а во меѓувреме кратко пишувал научно-популарни текстови. Одбрал да студира астрономија и физика но често отсуствувал од предавања, па морал да презапишува години. Дипломирал за шест години.
Но таа шеста година се покажала како клучна. Одбрал предмет кај јапонскиот математичар Хеисуке Хиронаки, кој го добил Филдсовиот медал во 1970. Хиронака бил харизматичен и Ха конечно се чувствувал дека има со кого да комуницира. Курсот претставувал вовед во алгебарска геометрија, проучување на решенијата на равенки и на нивните геометриски својства. Но Хиронака главно си зборувал за сопствената работа во област наречена теорија на сингуларност. Она што започнало како група од 200 студенти почнало драстично да се намалува. Неколку недели подоцна останале само пет студенти, меѓу кои Ха. Тој бил возбуден од тоа што секој час претставувал мало откритие, а професорот учествувал во процесот, бидејќи често и самиот не го знаел резултатот. Tие толку се поврзале што наскоро Ха му станал личен асистент.
Кога дошло време за докторат, поради слабите оценки на факултет го одбиле од сите американски универзитети, освен од еден. Ги започнал своите докторски студии на Универзитетот во Илионис, а потоа се преселил на Универзитетот во Мичиген, дипломирајќи во 2014, на возраст од 31 година. Во тој период Ха живеел јадејќи само замрзната пица бидејќи не сакал да губи време пазарејќи и готвејќи - сега го интересирала само математиката. Зборувал со друг човек само еднаш неделно, со неговиот ментор. Сиот овој пат на себепронаѓање сега се заокружува со високо признание. И претставува пример дека понекогаш најисправниот пат е оној по кој поретко се оди.
Покрај Ха, други добитници на медалот за 2022 се Џејмс Мајнард од Универзитетот во Оксфорд, Марина Виазовска, Украинка која работи во Швајцарскот федерален институт за технологија во Лозана (и е само втора жена добитничка на признанието од 64 претходници) и Хуго Думинил-Копен од Универзитетот во Женева.
Подетално за работата на Ха за оние што се разбираат во математика тука