Годината е 1991, и Артуро Сандовал (Енди Гарсија) влегува среде ноќ во американската амбасада во Лондон барајќи политички азил. Негова пропусница му е менторот и пријател Дизи Гилеспи, чија репутација очигледно е доволно голема за да разбуди од сон американски државен службеник. Тој (службеникот) го интервјуира Сандовал, и токму тоа низ тој разговор, кој додуша повеќе личи на полициско испрашување, дознаваме повеќе за животот на денес славниот трубач.
Почнал да свири од 10-годишна возраст, со блех оркестар во неговиот роден град Артемиса на Куба. По шестото одделение го напуштил училиштето за да почне да работи и да помага на сиромашното семејство. Наскоро добива стипендија за да учи во Националното училиште за уметност во Хавана, а по неговото завршување свири со различни оркестри и бендови.
Музичката траекторија му е прекината во 1971, кога мора да оди во војска, „три години и четири дена“. Во тој период неколку месеци е во затвор заради слушање на Гласот на Америка на радио. Кога излегува од војска го формира бендот Иракере, со кој свири сè, од фанк, преку афро-кубански ритми до класична музика. Во мај 1977, на бродска џез тура која ги вклучувала и Стен Гец и Ерл Хајнс, Дизи Гилеспи минува низ Хавана и се запознава со Сандовал, кој најпрвин не му ни кажува дека е музичар, туку само го развозува низ градот како таксист.
Со Гилеспи заминува на турнеја и снима три последователни албуми, конечно заработувајќи од нив - до тогаш сета негова кариера и oнаа на неговите колеги била во рацете на кубанскиот режим, кој им давал само минимални дневници и ги договарал настапите и снимањата во нивно име. Користи една од турнеите за, исто како и во филмот, да побара азил во САД. Државјанство добива во 1997, истата година кога настапува со Селин Дион на доделувањето на Оскарите. Претходно соработува со Френк Синатра, Херби Хенкок, Тито Пуенте, а потоа освен што свири 19 години и предава музика.
Голем дел од сето ова е претставено во биографскиот филм, во кој со политичката се преплетува на моменти малку лигавата љубовна приказна, онаа на Артуро со Маринела, посветена членка на комунистичката партија која работи за државата, и која најпрвин не сака да чуе за заминување во странство. Можеби пореалниот наслов на филмот би бил - „За љубов или за љубов“, бидејќи Сандовал во ниту еден момент не е претставен како политички обоен, туку само како заљубен, во својата музика, и во својата жена. Енди Гарсија изгледа сосема убедливо во трубачките сцени, а ако за ништо друго филмот вреди заради оригиналната музика, напишана од самиот Сандовал, кој за саундтракот доби Еми. Во 2013 доби и орден од претседателот. Не, не од тој, од американскиот.
Вечерта на 6 август, кога требаше да се одржи концертот на Сандовал, оние кои успеаа да се пробијат од Пештани кон Охрид заради сообраќајка, беа „навремено“ известени дека концертот се откажува. Всушност, тој се одложи и се одржа ден подоцна, кога некои од нас веќе со шубе заминуваа накај Скопје. Но други беа поупорни, па затоа ги имаме и овие снимки (фала Андреј). На една од нив Сандовал не свири, туку пее, во чест на неговиот ментор Гилеспи. Стиховите звучат речиси како љубовни - но за тоа се пријателите.