Во 1939 Едит Прити, сопственичка на имот во Сафолк, Англија, најмува самоук археолог, кој себеси скромно се нарекува „ископувач“, по име Бејзил Браун. Тој треба да исполни една нејзина дамнешна желба - да провери што има под големите ридови од земја на нивите во близина на нејзината куќа. Иако најпрвин се натегаат околу хонорарот, Браун со ентузијазам почнува да ископува, следејќи ја интуицијата на Едит, дека под најголемото купче би можело да има гробница на некој велик човек.
Но изненадувањето е уште поголемо кога наместо обична гробница, длабоко од под земјата почнува да се појавува - брод. И не само тоа, туку теренот содржи и голем број скапоцени наоди, од монети до оружје и шлемови. Иако најпрвин се мисли дека станува збор за викиншки наод, излегува дека тоа е англо-саксонски брод од шестиот век, што ќе помогне во редефинирањето на англиската историја од овој период. 27 метарскиот брод е направен од дабово дрво, а содржи и сандак на владетел направен од китова коска.
Откритието предизвикува толку голем јавен интерес што наскоро на местото пристигнува екипа од Британскиот музеј, која сака да го преземе проектот. Нивните образложенија - станува збор за национално богатство и, не помалку важно, Бејзил според нив е „приучен“ археолог, без диплома од извиканите универзитети.
Дел од ликовите во филмот се целосно фиктивни, a начинот на кој се портретирани некои од вистинските наиде на големи критики. Таков е случајот со Пеги Пигот, прекар на Сесилија Маргарет Гидо, англиски археолог чија кариера траела повеќе од шеесет години со значајни истражувања, особено од предисторијата. Во филмот таа е претставена како неискусна, ангажирана од државната археолошка екипа единствено поради нејзината тенка става (за полесно да се движи врз ископината без нешто да оштети) и во врска со повозрасен маж, нејзин колега, кој всушност бил само две години постар.
Сепак, најоштетен, во времето на ископувањето и со години по него, бил Бејзил Браун, пронаоѓачот на бродот. И покрај огромните познавања од астрономијата и археологијата, фактот што бил самоук значело негова маргинализација од страна на британската интелектуална елита. Самиот открил осум средовековни објекти, меѓу кои римски населби и древни патишта. Сепак, без оглед дали бил ангажиран од страна на државни институции или приватни сопственици на имоти, неговата дневница била многу ниска во споредба со колегите - помалку од онаа на земјоделски работник.
Откако наодот во Сатон Ху бил преземен од колегите-археолози, по инсистирање на Едит му било дозволено да остане на наоѓалиштето, но не и да учествува во понатамошното ископување на гробницата. Од друга страна, токму тој бил најзаслужен што во текот на Втората светска војна сите наоди биле безбедни на тајна локација во британската подземна железница. Денес тие се чуваат во Британскиот музеј, каде Едит Прити ги донирала без барање за надомест, а прв пат се изложени дури девет години по нејзината смрт.
Тогаш, на свечените церемонии и во медиумите никој не го спомнал Браун. Неговото име дури неодамна е додадено на спомен-плочата на колекцијата. Кога се пензионирал група колеги се ангажирале и едвај успеале да му се обезбеди пензија, без оглед што немал никакви стручни објави а врз основа на дневниците, теренските белешки и фотографиите кои ги имал од сета своја работа. Особено бил заслужен за популаризација на археологијата помеѓу младите.
Преплетувањето на возбудата од археолошкото ископување на нешто од далечното минато, со алармантните настани од актуелната 1939, го прават суштинскиот контраст на приказната. Додека Бејзил и колегите копаат длабоко во земјените слоеви, горе, на небото, прелетуваат авионите на британското воено воздухопловство, кои се подготвуваат за претстоечките битки. Отварањето на старите гробници најавуваат нови, во кои ќе завршат не само војсководци и кралеви туку пред се голем број „обични“ луѓе.
Таков, обичен, бил и Бејзил Браун, „ископувачот“, кому овој филм му го оддава потребното признание.