„До 1960, трката за нуклеарно вооружување се интензивира. САД и СССР сега поседуваат доволно оружје за да го збришат човештвото.“
Ова е телопот со кој почнува филмот „Курирот“ кој ја раскажува вистинската приказна за британски бизнисмен, Гревил Вин (Бенедикт Камбербач), кој заедно со својот руски извор, Олег Пенковски (кодно име Ајронбарк, го игра грузискиот актер Мераб Ниниџе), во 1960-тите обезбедил суштински податоци кои ја разрешиле Кубанската ракетна криза. Но обајцата за ова платиле и голема цена.
На почеток на филмот Гревил е обичен трговец кој се обидува да го направи она што му е работа на секој трговец - да им продаде машински делови на своите клиенти, и притоа ако треба да се преправа дека не знае да игра голф, дури и кога има чист погодок. Тој е меѓу ретките Британци кои во тоа време тргува со земјите од онаа страна на железната завеса („Чехословакија, Унгарија...грозна храна“). „Што е со Советскиот Сојуз?“, го прашуваат двајцата разузнавачи, еден Британец, другата Американка, на наводно лежерен ручек на којшто го канат од името на некаква трговска комора. „Би се ставиле во многу корисна служба за својата земја“, му велат тие. Тишината на масата може да се пресече со нож. На Гревил му е јасно што се бара од него, но е избезумен затоа што нема никакво претходно искуство. Плус има жена и дете.
Немајќи многу избор, Вин заминува за Москва и се запознава со Пенковски, висок офицер во советската агенција за надворешно разузнавање. Според филмот, тој е мотивиран да шпионира од хуманитарни причини, иако најверојатно се работело за ризичен но лукративен договор, според кој тој и неговото семејство по завршената работа ќе можеле да пребегаат на запад.
Филмот се фокусира на врската меѓу двајцата шпиони која прераснува во нешто повеќе од професионална, шетаат низ град (Лондон и Москва), пијат, ги запознаваат семејствата. Истовремено преку веќе отворениот канал се пренесуваат фотографии, скици и информации за она што се случува на советската страна - подготовка за поставување на нуклеарни ракети на територија на Куба од каде би можеле да се нападнат САД.
Во октомври 1962, додека кризата се уште трае, двајцата се уапсени од КГБ. Пенковски е осуден на смрт, егзекутиран следната година и погребан во необележан гроб. Вин најпрвин е осуден на осум години, но е ослободен по една, под притисок на Британците поради неговото влошено здравје. Тие го разменуваат за советски шпион, по што тој се враќа во Лондон и по некое време продолжува со својот бизнис.
Филмот е критикуван поради неколку отстапувања од вистината. На пример, во мелодрамски тон апсењето на Вин е прикажано како последица на неговото враќање во СССР, за кое немало никаква потреба, за да се обиде да го спаси Пенковски кого западот бил подготвен да го жртвува. Исто така, на крајот на филмот се вели дека починал „мирно“ во 1990. Но тој по шпионската авантура страдал од депресија и алкохолизам и починал од рак на грло на возраст од 70 години. Точно е дека во затворот многу ослабел, поради што Камбербач за филмот морал да симне над 10 килограми (на неговиот крај е речиси непрепознатлив).
Она што е сигурно е дека двајцата шпиони изнеле над 5000 строго доверливи воени документи од СССР, а Пенковски се смета за најкорисен советски извори кои некогаш биле регрутирани од западот. По завршувањето на Кубанската криза, помеѓу Белата куќа и Кремлин била воспоставена „жешка“ телефонска линија, како превенција од тоа светот уште еднаш да дојде блиску до нуклеарна катастрофа.
Илина, Букбокс