Барбора Кисилкова, чешка сликарка мажена за Норвежанец, во април 2015 отвара долго очекувана самостојна изложба во галеријата Нобел во Осло. Нејзините слики привлекуваат внимание, со својот реалистичен, речиси фотографски стил, но и суптилната морничавост која лебди врз нив како тенок превез.
Две oд нив се особено впечатливи - „Песна на лебедот“ и портрет на две девојчиња, „Клое и Ема“. Тие стојат во излогот на галеријата, до моментот кога двајца крадци влегуваат низ задниот влез и ги вадат од рамките, но не со вообичаеното сечење, туку со отстранување на вкупно 200 шајки и клинци. Ова води до претпоставката дека барем еден од нив се професионалци, или во крадењето слики, или во дрводелскиот занает.
Снимките од безбедносните камери го откриваат нивниот идентитет. На судењето се појавува само едниот, Карл-Бертил, и вели дека воопшто не се сеќава на таа вечер, ниту зошто ги украл сликите, ниту што им направил потоа. Кисилкова во паузата на судењето му пристапува и му се обраќа со молба - да седнат на кафе, да промуабетат, а доколку се согласува и да ѝ позира за портрет.
Со оглед на тоа што ова му помага да добие помала казна, Карл-Бертил се согласува. Поради своето трауматично минато не им верува на луѓето. Но помеѓу него и Барбора како веднаш да има „нешто“. Додека тој лежи на троседот во нејзиното атеље, таа се обидува подобро да го запознае и евентуално да дознае каде се сликите. Во првото успева, иако врската модел-уметник е двонасочна. Колку што таа му се приближува, толку тој дознава за нејзиниот претходен живот.
Документарецот ги менува перспективите и ја раскажува приказната де од нејзина, де од негова перспектива. Нивниот однос се продлабочува во пријателство, а на моменти се чувствува и силна еротска енергија која само што не експлодирала. Бертил е нестабилен, со криминално минато, често „хај“, но истовремено длабоко благодарен за вниманието кое му е пружено, особено по доживеана сообраќајка која за малку го остава неподвижен. Некогаш бил спортист, еден е од ретките што го познаваат традиционалното норвешко дрводелство, а работел и со проблематични млади луѓе. Барбора толку се внесува во грижата за него, што тоа почнува да го вознемирува нејзиниот партнер, инаку полн со разбирање. Не во смисла на „обична“ љубомора, туку повеќе поради ризикот кој го носи приврзаноста кон некој склон кон автодеструктивност, кому постојано му е потребна помош.
Но Барбора во овој човек гледа нешто што многумина го игнорираат - не тетовиран криминалец, туку човек со одлична смисла за хумор, кој длабоко ја доживува уметноста (сцената во која тој реагира на својот прв портрет е бесценета!) и кој според нејзините зборови во некои други околности би можел да биде и претседател на Норвешка. Помага и тоа што Бертил е згоден, мускулест и бестрашен - фасцинирана е дури и од раните со кои тој се здобива по сообраќајката. Иако во филмот нема назнаки за нивна физичка интимност, таа виси во воздухот секогаш кога тие се во иста просторија. А таа почнува да му се обраќа со „мили“ (дарлинг), исто како и на својот сопруг.
Последната сцена е неверојатно заокружување на приказната, која нè учи како да го гледаме светот и во животна и во уметничка смисла. Затоа што границите помеѓу двете често се преплетуваат до степен до кој не само што едното го „имитира“ другото, туку станува тоа.
Илина, Букбокс