„Проблематичната“ (во оригинал Systemsprenger, или некој што го уништува системот) сигурно ќе биде вклучен во најдобрите европски за оваа година. Прво, поради неверојатната актерска игра на 9-годишната Хелена Ценгел, и второ, поради темата која не е често обработувана на филм - што со оние малолетници кои имаат проблеми со прилагодувањето на општествените норми, кои (често со право) се лути и агресивни, и кои никако не можат да се вклопат во која и да е средина која тој ист систем ќе им ја одреди?
Бернадет или „Бени“ е токму такво девојче, насилно, тешко за „припитомување“, непредвидливо, па дури и опасно по својата околина. Непосредна причина за ваквата склоност е фактот што нејзината мајка, прилично дезориентирана и уплашена од екстремните расположенија на ќерката, и со две деца од нов брак, во еден момент ја предава на социјалните служби, и освен повремени посети не сака да има ништо со неа. Бени сонува за гушкање со мајка си, која е и единствената која смее да ѝ го допре лицето, како резултат на рана траума.
Сепак, филмот не се развива така за да игра на картата на нашето сожалување за русокосото и синооко „палаво“ девојче. Режисерката, која е истовремено и сценарист на филмот, Нора Фингшајт, не ја турка под тепих социопатската природа на Бени, која прекршува дадени ветувања, не покажува емпатија ни кон другите деца во домовите, ни кон оние - социјалните работници, воспитувачите - кои од сесрце се обидуваат да и помогнат. После десетици инциденти, неа веќе не сака да ја прими ниту едно згрижувачко семејство, ниту една институција.
Сè до моментот кога Миша (Албрехт Шуш, кој после овој филм има шанси да ви стане нова актерска симпатија), кој има искуство со излегување на крај со проблематични тинејџери, не ја зема под свое. Ја изолира во својата шумска куќичка среде никаде, без струја и без надворешни дразби, и Бени од разјарен лав станува маче. Но само до враќањето во градот и соочувањето со истите околности кои ѝ го поттикнуваат афективното однесување и заради кои страдаат оние околу неа.
Дизајнот на филмот е симболичен за френетичната енергија која зрачи од него - џиш розеви јакни, скршени стакла, калливи и студени предели, енергично германско техно, крв и солзи. Неговиот наслов доаѓа од неофицијален термин „рушител на системот“ кој режисерката го слушнала при снимање на документарец за жени-жртви на насилство. Нејзиното истражување покажало дека постојат такви, проблематични деца, како некој 11-годишник, кои промениле дури 52 различни институции. Овој филм е раскажан од аспект на главниот лик, но притоа фрла светлина и на човечката димензија на сите кои се обидуваат да помогнат, вклучително и социјалните работници, докторите и згрижувачките семејства. Трагичен филм за еден таков лик, кој е дефиниран од сопствениот нескротлив гнев.
Илина, Букбокс