Во 1960-тите О’Хер одиграла клучна улога во случај воден пред Врховниот суд на САД за забрана на обврзните молитви во државните училишта, во случајов во Балтимор каде учел нејзиниот постар син Вилијам Џ. Мареј, кој бил наведен како тужител. Тој одбивал да учествува во колективните молитви поради што бил исмеван и малтретиран од соучениците и казнуван од наставниците. Судот пресудил дека читањето на Светото писмо и молитвите се во спротивност со американскиот устав. Ова ја поттикнало Медлин да продолжи со повиците за преиспитување на поврзувањето на религијата со различни аспекти на јавниот живот, како на пример читањето на делови од Библијата на Божик (празник кој таа го нарекувала „зимска рамнодневница“) на Аполо 8 1968 година, додека посадата орбитирала околу месечината. Телевизискиот пренос на овој настан бил најгледаниот во дотогашната историја на американската телевизија.
О’Хер ја формира организацијата Американски атеисти, а поради својот „кого удрам не жалам“ настап станува многу атрактивна за медиумите. Сепак, сето ова остава лузни врз семејниот живот кој и онака не е идиличен - таа ги расте своите два сина како самохрана мајка, а едниот од нив, токму постариот, во еден момент ја раскинува врската со неа и - станува верник, а подоцна и баптистички свештеник. Коментарот на неговата сопствена мајка бил: „Ова може да се нарече постнатален абортус - целосно го отфрлам, сега и засекогаш...тоа што го направи е непростливо“.
Во текот на 1980-тите таа останува контроверзна фигура, и иако организацијата официјално ја презема нејзиниот помлад син, таа се уште е главна движечка сила. Со нив е и нејзината посвоена ќерка, која всушност ѝ е внука, ќерка на нејзиниот отуѓен син.
Филмот (достапен на Нетфликс) почнува со нивното киднапирање на 27 август 1995 и ги раскажува сите дотогашни настани во ретроспектива. Требало да помине долго време за полицијата и јавноста да сфати дека станува збор за вистинско исчезнување, бидејќи семејството често знаело лажно да исчезне, што поради заканите, што поради матни парични трансакции кои вклучувале донации но и можно перење пари.
Она што се случило е дека Дејвид Роланд Вотерс, поранешен затвореник, кој работел за Американ атеистс, заедно со уште двајца соработници, ги грабнал Медлин, ќерката/внука и синот и ги затворил на непозната локација барајќи од нив милион долари од една од „скриените“ сметки но во златни монети. Процесот на набавка на толкаво количество злато одел бавно, па тензијата во заедничкиот стан помеѓу киднаперите и киднапираните постојано растела. Барем според она што е прикажано во филмот, убиството на тројцата не било однапред планирано туку инцидент. По апсењето на Вотерс, тој го открива местото - ранч во Тексас, и ги води до телата, кои од необични причини се целите искасапени, до тој степен што мораат да бидат идентификувани преку ДНК. А златните монети кои ги имале добиено (вредни 400.000 долари) и ги чувале во обичен поштенски сеф, на крај им биле украдени.
Meлиса Лео во улогата на Медлин е одлична, таа е и сценаристички во центарот на приказната засенувајќи ги другите ликови. Можеби ќе беше интересно главен лик да биде синот или новинарот кој го разоткрива киднапирањето. Вака, онаа што доминирала во животот, доминира и во филмот.
Илина, Букбокс