„Моќта на кучето“ е вестерн роман на американскиот автор Томас Севиџ од 1967. Иако во времето кога е објавен добил одлични критики, кои го споредувале со античка трагедија, продажбата на книгата не одела добро, па таа, барем до оваа филмска адаптација, на некој начин била заборавена.
Браќата Бурбенк, Фил (Бенедикт Камбербач) и Џорџ (Џеси Племонс), држат успешен ранч во Монтана. Годината е 1925 но тоа и не значи многу во пејзаж каде изгледа дека времето застанало. Постојано поврзани (дури спијат и во ист кревет), тие не можат да бидат поразлични. Фил е „алфа“ мажјак кој го нарекува брата си „Буцко“, секогаш седи на чело на масата и намерно си ја бара бељата, закачајќи се и со она малку луѓе кои ги има наоколу. Одбива да се бања, гордеејќи се со реата на лепешки како да се тоалетна вода, дури и (или особено кога) треба да седне на свечена вечера со локалните политичари и сопствените родители. Џорџ е скромен, тивок, дотеран и секогаш подготвен да не возврати на навредите и провокациите. Неговиот однос кон лошиот и неправеден брат на моменти нервира, но и како да сигнализира дека тука има нешто што (се уште) не го знаеме а што би ја оправдало оваа внимателност - некаква траума или тајна, поради која Фил не смее да биде многу-многу чепкан.
„Античката трагедија“ почнува кога Џорџ најпрвин дава суптилни сигнали дека му се допаѓа локалната крчмарка, вдовица чиј син студира медицина. Ситуацијата се вжештува кога тој објавува дека се венчале, и дека сака да ја донесе дома. Роуз (Кирстен Данст) и онака е тотално збунета од промената на социјалниот статус, а Фил не пропушта прилика дополнително да ѝ го отежни прилагодувањето. Додека таа се обидува да извежба мелодија на пијаното која треба да ја свири пред гости, тој истата виртуозно ја изведува на бенџо од својата соба, давајќи ѝ до знаење дека не му/им е дорасната.
За разлика од повеќето филмови со комплицирани меѓучовечки односи, во кои мрежата почнува да се расплеткува некаде на средина, тука катарзата како да е фазно поместена за најмалку една третина од времето. На повеќе од половина се уште немаме поим што стои зад агресијата на Фил и дали - како во класичен вестерн или шпанска серија - главниот дуел очекувано ќе се случи помеѓу браќата. Со оглед на вештите раце на Фил кој (без ракавици) шкопи бик во два потеза, на братот може да му се случи и нешто полошо.
Но од тука натаму изненадувањата следат едно по друго, за последната сцена дури и жанровски да го редефинира филмот, и да создаде потреба повторно да се гледа, од почеток, со новите детали на ум. Тогаш, на тоа второ гледање, ќе се сфати дека Кемпион нафрлала прилично очигледни назнаки, но сепак на начин на кои е лесно да се пропуштат. Можеби поради брилијантниот Камбербач кого едвај чекате да го видите во следната сцена, како оска врз која се прекршува целата приказна. А можеби поради хипнотизирачките ридови на Монтана, кои се всушност снимани на Нов Зеланд. Ако некаде по пат загубите трпение со бавното плетење на јажето на приказната, издржете. Ова е slow burn од филм, кој вреди.
Илина, Букбокс