Венецијански филмски фестивал 2021: филмовите за коишто се зборува

Најстариот филмски фестивал во светот (првото издание датира од 1932) отсекогаш имал големо влијание врз иднината на светската кинематографија. Што нуди оваа година?

Овогодинешното издание на филмскиот фестивал во Венеција кое започна на 1 септември а ќе трае до 11-ти, е особено силно, со премиери на дела на, или со големи имиња. Меѓу нив „Дина“, филмот за принцезата Дајана „Спенсер“, историската драма на Ридли Скот „Последниот двобој“ и новиот на Педро Алмодовар. Не помалку важни се и новите документарци за Лед Цепелин, Леонард Коен и Енио Мориконе.

Еве еден можен избор од она што е интересно на фестивалот, филмови кои со нетрпение ги очекуваме.

„Дина“

Режисерот на „Блејд Ранер 2049“ Дени Вилнев се нафаќа на тешка задача - да направи добар филм од извонредна книга, класик на научната фантастика, по епскиот неуспешен обид на Ходоровски од 1970-тите и не многу фалената верзија на Дејвид Линч oд 1984.

Тимоти Шаламет е Пол Атреид, иден наследник на Големата куќа Атреиди, кој заедно со семејството е преселен на планетата Аракис. Тие се задолжени да спроведуваат добивање на зачин наречен „меланж“ - супстанца која го продолжува животот. Но тука се соочуваат со непријателите, Харкоени, што кај Пол поттикнува откритие дека поседува натприродни моќи.

Во филмот глумат и Џош Бролин, Хавиер Бардем, Шарлот Ремплик и Џејсон Мома. Првичните критики се одлични, така што време е да се прочита или повтори барем првиот том од шесте од серијалот.

„Последниот двобој“

Ридли Скот се враќа со филм за средовековен дуел, кој се смета за последен настан од таков тип во Франција. Тој вклучува витез (Мет Дејмон), неговата жена (Џоди Корнер) и најдобриот пријател на витезот (Адам Драјвер), кој е обвинет од страна на сопругата за силување. Приказната е раскажана во Рашомон стил, од секоја од трите перспективи. Дејмон е и ко-автор на сценариото, заедно со Никол Холофсенер и Бен Афлек, кој го игра кралот Шарл Шести.

„Моќта на кучето“

Џејн Кемпион се враќа со својот прв филм по 12 години, адаптација на роман на Том Севиџ за двајца браќа - еден паметен но суров (Бенедикт Камбербач), другиот малку глуп но многу фин (Џеси Племонс), кои живеат на ранч во Монтана. Во приказната влегува вдовица (Кирстен Данст) а нејзиното мажење за пофиниот започнува војна помеѓу браќата.

„Загубената ќерка“

Базиран на роман на Елена Феранте од 2008, режисерското деби на Меги Гиленхал ја следи Леда (Оливија Колман), британска професорка која се изолира во куќа на плажа во Грција. Идејата е на раат да заврши со пишување на книга. Но нејзиниот мир го прекинува агресивно семејство од Њујорк. Нивното присуство, особено една сцена во која очајната млада мајка (Дакота Џонсон) се обидува да лоцира исчезната кукла на ќерката, ја фрла Леда во спирала на спомени и потиснати трауми.

„Паралелни мајки“

Фестивалот се отвори со новиот филм на Алмодовар, во кој две тазе мајки - една фотографка (Пенелоп Круз) а другата тинејџерка (Милена Смит) - се спријателуваат и продолжуваат да се гледаат и откако ќе излезат од болница. Ова е шести флм на Круз со шпанскиот режисер.

„Бројачот на карти“

Вилијам Тел (така се вика ликот) е професионален коцкар кој ги шпарта казината на американскиот среден запад. Добива онолку колку што му треба пред да смени локација, никогаш не претерува. Овој осамен лик привлекува внимание на жена која сака да му стане некој вид менаџер и млад дечко кој има врска со нешто или со некого од минатото на Вилијам. Режисер е Пол Шредер а главната улога ја игра Оскар Ајзак.

„Раката на Господ“

Во 1980-тите, еден млад фудбалски фанатик по име Фабието дознава дека Марадона, „Раката на Господ“, ќе игра во Неапол, што е остварување на неговиот, и сонот на неговиот татко. Но се случува трагедија која го менува текот на настаните. Најнов филм на Паоло Сорентино („Големата убавина“), опишан како нежен полу-автобиографски филм за неговата сопствена младост и за односите во големите италијански семејства.

6 септември 2021 - 11:34