„Месечина“ е дебитантски научно-фантастичен филм на Данкан Џонс, врз основа на негова приказна. Ако името ви звучи познато, тоа е затоа што човекот е син на Дејвид Боуви (вистинското име му е Зоуви), а по овој филм има направено уште неколку, меѓу кои Source Code (2011) и Warcraft (2016).
Главен лик во „Месечина“ е Сем Бел (го игра Сем Роквел), вработен во компанијата Лунар индустрис, која се занимава со ископ на алтернативно гориво, хелиум-3, од површината на Месечината. Ова, поради криза со извори на енергија на Земјата, ѝ носи огромни пари. И покрај автоматизираноста на процесот, потребен е барем еден човек за одржување на опремата, надгледување на роботите-рудари и испраќање на канистрите полни со скапоцениот хелиум до Земјата.
Сем е при крај на својата тригодишна мисија. Му остануваат уште само две недели да се врати кај својата убава сопруга и тригодишната ќерка, со кои контактира само преку снимени видео пораки. Но токму тогаш, баш при крајот, почнува да халуцинира, а тоа е причината што при обид да поправи еден од роботите неговиот ровер е згмечен. Сем губи свест, а кога се буди се наоѓа во болничкиот дел на базата, каде за него се грижи неговиот личен дигитален асистент - ГЕРТИ.
За оние кои се сеќаваат на Хал од „Одисеја 2001“, Герти има многу сличен, милозвучен глас (кој е всушност на Кевин Спејси), но кој не звучи подеднакво морничаво. Во целиот понатамошен развој на приказната, за кој нема да откриваме повеќе детали, тој се покажува како „похуман“ од некои од човечките ликови, односно од ликот на самата корпорација.
Филмот делува како нискобуџетен, а со креативна сценографија веројатно би бил и одлична театарска претстава. Точно такви се и најдобрите научно-фантастични дела, минималистички, со онолку „фенси-шменси“ детали колку што е потребно да го внесат гледачот или читателот во мисловниот експеримент кој го истражуваат. Во случајов, тој се однесува на природата на „јаството“ - што е она што нè прави посебни, неповторливи и „ние“, ако не спомените и врските со другите луѓе? Токму тие му помагаат на Сем да издржи три години на далечната страна на Месечината, но истите се и причината за неговиот распад кога ќе сфати дека неговите најблиски се можеби само импланти во неговата свест. Ако е така, тогаш кој е тој? И што е воопшто поентата на неговото враќање на Земјата, ако не постои земјанинот Сем кому би му се вратил?
Сем Роквел е одличен во улогата на неговиот имењак, а филмот доби голем број награди, меѓу кои и Бафта за најдобар дебитантски филм во 2010.
Илина, Букбокс