Koга на почетокот на „Мавританецот“ Џоди Фостер минува низ обезбедувањето на Гавнатанамо Беј, сцената личи на онаа од пред 30 години, кога како млада агентка на Еф-би-ај чекореше низ слична институција во „Кога јагнињата ќе стивнат“. Овој пат таа е искусна адвокатка, која бира да брани речиси неодбранлив случај: Мохамеду Улд Салахи е мавритански затвореник, осомничен како еден од организаторите на терористичките напади од 11 септември.
Тука има уште едно интересно преклопување - францускиот актер Тахар Рахим, кој го толкува Салахи, имаше исто така забележителна претходна улога во „Пророкот“, затворска драма на Жак Одијар. Двајцата чинат добар пар - Ненси Холандер (Фостер) има навидум непробоен професионален штит и воопшто не се впушта во проценка на можната вина на својот нов клиент. За неа е битно што владата на САД ги има пробиено сите законски и разумни рокови за да го обвини за конкретно дело. А ако нема обвинение, тогаш тој би требало да е слободен човек. Салахи пак и покрај сè што поминал делува разумно и остроумно, па дури покажува и смисла за хумор. Неговиот англиски е научен од телевизиските програми, кои им се допуштаат на затворениците доколку „соработуваат“.
Но клопчето коешто се одмотува покажува дека недостатокот на обвинение е банален детал во однос на сето она што се случува зад сцените - изнудување признанија, закани, психолошка тортура, физичко мачење. Сето ова го дознаваме низ писмените сведоштва кои Слахи ѝ ги доставува на својата адвокатка, а кои додуша минуваат низ филтрите на затворските цензори. Токму тие белешки биле основа за „Дневникот од Гвантанамо“, мемоарот на Салахи, издаден во 2015, една година пред тој да биде конечно пуштен од притвор, а 13 откако бил уапсен и донесен во кампот. Мемоарот почнал да го пишува во 2005, но секоја страница морала да помине низ детален преглед, па воените цензори направиле 2500 „корекции“ пред книгата да им биде предадена на адвокатите, седум години подоцна. Изданието од 2015 практично е повеќе „зацрнето“ отколку што содржи текст, но во 2017 излезе нова и нецензурирана верзија.
Салахи првично бил уапсен поради своите врски со Ал-Каеда. Во декември 1990, тој ја напуштил Германија кадешто студирал и заминал за Авганистан во поддршка на муџахедините. Иако овој термин по 11 септември доби негативна конотација, во доцните 1980-ти муџахедините биле позитивно портретирани од американските медиуми, бидејќи тоа било име на група која се обидувала да го симне од власт режимскиот лидер Мохамад Наџибула - државен удар целосно поддржан од САД. Сaлахи, како млад војник бил обучуван во воен камп воден од Ал-Каеда. Тука се вратил уште еднаш, во 1992. Од тогаш, како што тврдел, веќе немал никаква врска со терористички групи ниту пак со спомнатата организација.
Но ништо од оваа одбрана не функционирало за суровите испрашувачи во Гитмо, кои ги тепале, сексуално ги понижувале, ги дезориентирале и генерално се обидувале и физички и психолошки да ги исцрпат затворениците. Дури и признанијата кои притоа се добиени не можат да се сметаат за валидни бидејќи се добиени под притисок и закани. Ова низ кафкијанска борба со пристапот до документи го разбира и обвинителот Стујард Коуч (го игра Бенедикт Камбербач), кој врз основа на својата совест се откажува од позицијата на обвинител и го напушта случајот, што гласно оддекнува во американските и светските медиуми.
Филмот, за кој Фостер доби Златен глобус за споредна улога, и кој се очекува да биде номиниран и во некоја од оскаровските категории, се состои од ред правни муабети, ред затворски ентериери, ред клоус-ап мачења со треперливи светла и гласна хеви метал музика, па пак клаустрофобични канцеларии полни картонски кутии материјали, автобус до и од Гитмо, по некоја реминисценција на Мавританија, Авганистан и Германија. Меѓу ретките погледи кон слободата и далечината е оној кон океанот околу кампот. Филмот е можеби просечен, но изгледа како да му дошло времето да биде направен, и како некој да морал да го стори тоа. Приказната е сепак фасцинантна, особено ако се земе предвид расположениот, вистински Мохамеду кој се појавува во последните сцени, како го пее Дилан. Во филмот неговиот лик вели дека не се лути никому.
Дали е тоа навистина можно?
Илина, Букбокс