Документарецот „Соло“ се отвара со сцена во која на некаква свеченост во психијатриската болница Ел Борда во Буенос Аирес се раскажува анегдота: пациент сакал да земе за себе вазна од заедничката трпезарија. Кога му било објаснето дека тоа не е дозволено, тој внимателно ја разгледал, и рекол - вазнава е како и ние во болницава, навидум нежна, но очигледно издржлива штом не се скршила до сега.
Мартин Анибал Перино, главниот лик во филмот и еден од пациентите во Ел Борда, бил музичко чудо од дете. На десетгодишна возраст го одржал својот прв целовечерен пијано концерт, го усовршувал своето музицирање со професори од САД, Русија, Јапонија и Венецуела и добивал високи признанија на меѓународни натпревари. На 20-годишна возраст веќе имал над 300 настапи во престижни сали низ светот. Но во следната деценија вазната во него сепак се скршила - почнал да губи допир со реалноста, неколку пати се предозирал од лекови, и завршил во психијатриска болница.
Го запознаваме токму тука, по четири години негов престој во институцијата. Во културниот центар во нејзин склоп, тој се подготвува за настап на кој ќе изведе своја композиција под наслов „Енфермарија“, во придружба на танчарка која (најверојатно) е исто така пациентка. Иако станува збор за една од најконтроверзните психијатриски установи во Латинска Америка, делува дека и пациентите и вработените се благонаклоно настроени кон Мартин, и со должно внимание го следат неговото музицирање. Во трогателна сцена тој дури и се обидува да научи еден од нив, пациент кој делува како да е во многу потешка психичка состојба од Мартин, како да отсвират едноставна мелодија. Радоста од заедничкото музицирање барем за момент ја осветлува мрачната просторија.
Но иако долго посакуван, отпустот од болницата кој следи не е добра опција за Мартин. Најпрвин тој е среќен во делумно реновираниот стан на неговите родители. Но наскоро неговото тело се бунтува - тој почнува да чувствува „физиолошка потреба“ да седне крај пијаното кое тука го нема.
Се нуди да свири во кафани, моли за само пет минути изведба на отворена сцена на концерт на моторџиски бендови, навраќа кај негови бивши професори и пријатели кои имаат пијано, за барем на кратко да може да се насвири. Некои од нив му нудат помош за да му се купи преносен инструмент, па дури и организираат негово предавање во училиште, пред средношколци, кои на ливчиња ги пишуваат своите впечатоци од композициите кои ги изведува. Некој за неговата музика напишал: „Мир и спокој, како удар од тупаница кој не боли“.
Мартин го оценува тој ден со предавањето како добар. Но други денови - повеќето денови - не се такви. „Кога си луд, тоа го троши најдоброто од тебе. И од мене, и од претседателот на државата“ - луцидно ја опишува тој својата состојба . Станот станува сè позапустен, неговата коса е сè понеуредна, а иднината сè понеизвесна. Едно е да си талентиран, но друго е да можеш да ја играш социјалната улога на уметник во општество кое го цени „лудилото“, но само кога тоа е канализирано, неопасно и дозирано. Ова на Мартин делува како да може да излезе од контрола во секој момент, и тоа во форма на автодеструкција, кога веќе личноста на која тој ѝ е најлут - преамбициозната мајка, музичарка која ја форсирала неговата кариера, е веќе мртва.
Во интервју со режисерот Артемио Бенки по повод претставувањето на филмот на Канскиот филмски фестивал, е опишан процесот на снимање, при кој е водено сметка ништо да не се снима тајно или без знаење на Мартин, и да не се инсистира на снимање доколку дента тој не се чувствува добро. Идејата е тој да го придружува прикажувањето на филмот со одржување концерти на кои ќе свири своја музика и ќе ги споделува своите искуства. Во Скопје сепак ќе го видиме само филмот, и тоа на 26.8 (понеделник) во 23 часот во Куршумли ан. Подгответе се да го следите Мартин со мрдање на прстите, додека тој ја изведува својата нежна композиција.
Целосната програма на Македокс кој почнува денес, 21.8, тука