Букбокс гледаше

„Лошо образование“ (2020)

Снимен врз основа на вистински настан, филмот ја раскажува приказната за Френк Тасон, кој во 2000-тите ја проневерил најголемата сума во историјата на американското јавно школство.

За учениците, родителите и наставниците во основното и средното училиште Рослин на Лонг Ајленд, Тасон бил шармантен и трудољубив раководител, кој редовно ручал со учениците, водел книжевен клуб и чувал фотографија на почината сопруга на работната маса. Нему училиштето му го должело шестото место на државно ниво, големиот број на ученици примени на престижни факултети, како и растечката цена на недвижнините во регионот.

Но она што ќе се дознае подоцна, е дека Тасон всушност водел двоен живот, со скапи одела, тркачки коли, козметички интервенции. Поседувал стан на престижна локација којшто го делел со својот партнер Стивен Сињорели (со кого бил цели 33 години), одел на патувања во Лас Вегас на посета кај својот љубовник - егзотичен танчер, Џејсон Доерти. И последно, но не и помалку важно, имал потрошено 37.385 долари на хемиско чистење, 5.236 за божикни честитки и 56.000 за нутриционист, сето тоа од парите на даночните обврзници.

„Лошо образование“ во кој Тасон го игра одличниот Хју Џекмен, започнува во момент кога ученичка од Рослин, чие вистинско име е Ребека Ромбом, добива задача да напише статија за школскиот весник, за „Скајлајн“ - мост помеѓу училишните згради изграден по иницијатива на Тасон. Иако таа најпрвин нема големи амбиции („тоа е спореден текст“, му вели таа кога го интервјуира), самиот Тасон во непрпомислен налет на мотивациски говор, ѝ го менува мислењето - дека нема „мали“ и „големи“ текстови, туку дека нивното значење зависи од самиот автор и информациите што тој ќе ги ископа.

Истражувајќи низ архивата и правејќи интервјуа и со други училишни службеници надлежни за тендери и трошење пари во училиштето, ученичката сфаќа дека тука нешто „смрди“. Во Ексел таблиците на трошоци се појавуваат необични ставки кои сигурно не биле за училиштето, како патување со Конконрд од Њујорк до Лондон за двајца (секој билет од по 5000 долари), рерна за пица, Сони плејстешјн или материјали за реновирање домашен базен. Тасон најпрвин ја жртвува својата најблиска соработничка Памела Глукин, но по објавувањето на текстот во школскиот весник станува јасно кој е „мозокот“ зад операцијата.

По судењето во 2006, кое не е прикажано во филмот, Тасон е осуден на 4-10 години затвор, но е пуштен поради добро однесување во 2020. Вкупната сума која била украдена од негова страна и од страна на неговата колешка изнесувала дури 11 милиони долари.

Еден монолог при крајот на филмот е индикативен за тоа како всушност човек може да стане криминалец „од ништо“ - само затоа што на самиот почеток никој не забележал проневера на мала сума. Во случајот со (филмскиот) Тасон тоа била обична грешка во користењето на кредитната картичка, кога платил пица со онаа службената. Кога следниот ден никој од колегите не го опоменал, почнал да троши на се поголеми нешта. За на крај да заврши со спомнатата сума.

Филмот е во голема мерка базиран на текст во Њујорк магазин од септември 2004 под наслов „Лошиот раководител“ (The Bad Superintendent), иако содржи и моменти кои се фиктивни или погрешни. Според вистинскиот Тасон, на пример, не било точно дека неговиот долгогодишен партнер не знаел за неговите други врски, а ни тоа дека тој криел дека е геј. Тој денес живее како пензионер во Њујорк, но поради грешка во законите, се уште добива прилично висока пензија од 170.000 годишно. Она што е јасно и во филмот а го сведочат и оние кои лично го познавале Тасон, е неговата посветеност на учениците - ги памтел сите нивни имиња, имињата на родителите, нивните интересни и хобија. Можеби ова не било дел од неговата стратегија, луѓето да го сакаат и да му веруваат. Сè до инцидентот со пицата...

Илина, Букбокс

7 декември 2020 - 08:40