Во 1994 ја гледавме „Квиз шоу“, драмата продуцирана и режирана од Роберт Редфорд, со Ралф Фајнс и Џон Тортуро, за скандалот поврзан со квизот „21“ на каналот Ен-би-си од 1950-тите. Тогаш на Чарлс ван Дорен, син на познато книжевно семејство, продуцентите однапред му ги давале прашањата и одговорите, заради зголемување на гледаноста на квизот.
„Квиз“, новата мини-серија која се прикажува на ХБО, во три епизоди, потсетува на малку понов настан, од почетокот на 2000-тите, кога на британското шоу „Кој сака да биде милионер?“ еден поручник во британската армија доаѓа до главната награда, милион фунти, без притоа да прикаже некаква посебна сигурност во одговорите, и со два потрошени џокери до првата сигурна сума од 1000 фунти.
Скандалот им е познат на британските телевизиски гледачи од тој период, и веројатно тие се и главната целна група на серијата. Сепак, со оглед на тоа што квизот некое време се прикажуваше и кај нас, правилата ни се познати, само треба наместо на местото на Крис Тарант, водителот на британскиот Милионер, да го ставите Трендо, и ја добивате истата атмосфера, со специфичните аудио ефекти, затемнетата атмосфера и нервозното вртење на играчите на жешките столчиња.
Во првата епизода го следиме создавањето на квизот и неговиот ненадеен успех, кој е толку голем што набргу Американците, и тоа ни повеќе ни помалку туку од Дизни, доаѓаат во Селадор за да ги бараат правата (а не како вообичаено, Британците да бараат права за квизови од нив). Она што го разликува ова шоу од останатите е моментот на ризик за одење на повисока сума, кога публиката им фаќа сеир на обичните луѓе кои се обидуваат да излезат на крај со својата глад по повеќе, а истовремено во најголем број случаи си го преценуваат знаењето. Секако, продуцентите гледаат никој да не земе многу, никако најмногу, затоа што тоа би значело финансиска пропаст на компанијата.
Но каде што има пари, има и луѓе што сакаат да ги земат наоѓајќи дупки во одбраната на системот. Околу квизот се создава една цела супкултура фанови, кои си помагаат меѓусебе, најпрвин за воопшто да влезат во најтесниот избор, а потоа и во подготовката и кај џокерот „повикај пријател“. Чарлс и Дијана Инграм (вистинските на сликата горе), како и братот на Дијана, некако се наоѓаат среде оваа приказна, и одлучуваат да ја свртат во своја полза. Сепак, тука нема ништо од вообичаеното профилирање на овие луѓе како криминалци, туку сосема обратно - на моменти тие се дури и комични во сета своја неспретност и прилично проѕирна техника на мамење, со кашлање од публиката на точните одговори.
Или барем така ни изгледа по првите две епизоди. Во третата, кога се одвива судењето поради измама, и на брачниот пар и на наводниот помошник од публиката, работите веќе не делуваат 100% сигурни. Тоа е најмногу поради одличната улога и монолози на адвокатката на Инграмови, која ја игра Хелен МекКрори, истата што ја толкува Поли Греј во „Пики Блајндерс“, а на која очигледно ѝ стојат авторитативни улоги. Нејзината одбрана се состои во релативизирање на сите сигнали кои се толкуваат како измамнички - дека, на пример, само 19 од 192 кашлања таа вечер биле на точните одговори. Или дека продуцентите намерно, за да не ги дадат парите, во јавноста пуштиле приказна за мамењето на човек кој делува малку недоветно, но всушност е (тивок) член на Менса.
Она што нервира е што на крајот на серијата не сте баш на чисто - мамеа ли луѓево или не? Фрирс нè вози во еден правец, а потоа нагло свртува. Но можеби целта на серијата и не е да прогласува виновници или да амнестира. Само ги покажува начините на кои еден поп-производ станува полигон за судир на различни интереси, на публиката на која ѝ требаат пари, и на продуцентите кои го користат тој факт за да ги направат истите тие пари (и многу повеќе) за себе.
Илина, Букбокс