Букбокс гледаше

„Кодот од милијарда долари“: судењето за Google Earth

Минисерија на Нетфликс во четири епизоди ја раскажува вистинската приказна за двајца интернет визионери од Берлин, кои 11 години пред Гугл да излезе со она што денес го има на секој смарт телефон, апликацијата Google Earth, ги поставиле основите на алгоритамот. Едно од прашањата кои се наметнуваат е - како до сега никој немаше слушнато за ова? И уште колку вакви приказни постојат?

Почеток на 1990-тите, неколку години по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Карстен Шлутер е студент по уметност кој сака да прави дигитална уметност, но не знае скоро ништо за компјутери. Јури Милер е „нрд“ во потрага по друштво и по предизвик. Двајцата сакаат да создадат уметничко дело кое буквално ќе го пресликува светот во којшто живеат, но и ќе им помогне на луѓе да патуваат, и реално и во мислите, со тоа што ќе зумираат на локација на Земјината топка и со еден клик ќе се најдат таму. Звучи познато, нели?

Но компјутерите во тоа време не се доволно моќни да го понесат бремето на нивната идеја и младешки ентузијазам. Во потрага по спонзори тие успеваат да го убедат Дојче Телеком во својот проект, „Тера вижн“, кој треба да биде готов за меѓународниот саем во Кјото во 1994. Постоечки тим хакери, уметници и компјутерџии, претходни активисти на компјутерски клуб под име „Хаос“, на ист таков, хаотичен начин се обидуваат да го запазат рокот, за не треба да враќаат два милиона германски марки. Тоа им успева, а нивната програма станува хит на саемот. 

Минисеријата следи две стории - едната е развивањето на идејата, со сите технички, логистички и други пречки на патот на „Тера вижн“. Втората е судењето на Милер и Шлутер против Гугл, 25 години подоцна, под обвинение дека технолошкиот гигант го има украдено алгоритамот на Тера Вижн за Гугл Рт, апликација која беше лансирана во 2005.


Атмосферата од 1990-тите, слично како и во други филмови и серии од периодот 1970-1990, е обоена во кафени тонови, во Германија се уште владеат наследени бирократски структури, но здивот на слобода и иновации по падот на Ѕидот придонесува дури и и позакостените структури да го сфатат потенцијалот на технологијата во демократизирањето на знаењето. Претставничка на германскиот Телеком во серијата, средовечна жена во костумче која не делува како да знае нешто за компјутери, се заложува за идејата бидејќи „премиерот Хелмут Кол ни рече да трагаме по иновативни идеи“.  На ова се спротивставува по „крволочната“ атмосфера на Силициумската долина, која во раната фаза е исто така водена од идеали, но подоцна станува поле за зделки вредни милијарди долари. 

Идејата за приказната се родила кога авторите на серијата на скара кај сосед случајно го запознале Јоаким Саутер, еден од уметниците кои помогнале во развојот на „Тера Вижн“ и кој самиот бил присутен на судењето. Таа не ги содржи сите факти и аспекти на проектот, но главната цел ѝ е да ги претстави идеалите кои на почетокот ја воделе генерацијата на технолошки визионери, а преку судењето да укаже на тоа како таа иста област потоа се свртила од желба да се направи нешто корисно за човештвото, во фабрика за пари. Во тој нов свет Јури и Карстен се „прекрасни губитници“.

Илина, Букбокс

11 октомври 2021 - 09:01