Бранко Миљковиќ
БАЛАДА
На Охридските трубадури
Мудрост наша, неискусно осамнуваат зорите.
На обични зборови веќе немам право!
Моето срце се гаси, очите горат.
Пејте, прекрасни старци, додека над глава
Ѕвездите се распснуваат како метафори!
Она што е високо, исчезнува, она што е ниско, изгнијува.
Птицо, ќе те доведам до зборот. Но врати го
Позајмениот пламен. Не плукај на пепелта.
Во туѓо срце своето срце го чувме.
Исто е да се пее и да се умира.
Легендата вели дека Бранко Миљковиќ ја напишал оваа песна кога во 1959 во некоја прилика ги слушнал „Садиловци“, чалгаџиите или трубадурите од Охрид. Климе Садило, според кого „бендот“ го добил своето име, исто како и сите виолинисти од Охрид - „леичари“ - свирел со лева рака. Го прехранувал семејството со тие неколку жици, свирел онаму каде што ќе го викнеле, а во песнарката која љубоморно ја чувал имал голем репертоар македонски, српски, бугарски, албански, влашки и турски песни. За музичарите и тогаш и денес нема граници, но ова особено важи за жанрот „чалгија“, кој по дефиниција е мултикултурен музички тип, чиј основен принцип е слободата.
Тоа е впрочем и главната оска на документарецот „Кеиф“, кој детално ги анализира персиските, отоманските, византиските и западните влијанија кои ги формирале основните елементи на овој музички израз - микро-тоналноста, ритамот и мелодијата. Станува збор за традиција која се вклопува во тн. модална музика, која користи тонски низи наречени „маками“ и инструменти како ут, лаута, канон, кларинет, тарабука, дајре. Со свои варијанти кои зависеле од историскиот период, како и од локалните прилики, ова никогаш не била типична народна музика, бидејќи и мелодиите и стиховите си имале свои познати автори, иако можеби денес се заборавени. Тие не се ни „класична“ турска музика, како што понекогаш стереотипно се мисли, туку се резултат на вмрежување на различни влијанија, кои одат до таму, што Садило - во филмот наречен „звучен полиглот“ - во својот репертоар како чалгаџиски песни вклучувал и француски шансони. Ако споредуваме со класичниот западен канон, како што вели еден палестински музичар во филмот, чалгијата не се ниту белите, ниту црните дирки на пијаното, туку некои сосема други - можеби црвени.
Но многу повеќе од музика, чалгијата е една комплетна и доследна естетика, и начин на живот. Со ова се согласуваат сите соговорници во филмот - музичари, етномузиколози, хроничари, историчари. Особено е впечатлив делот кој се однесува на Македонија, а кој содржи и голем број анегдоти и урбани легенди поврзани со најпознатите оркестри од Охрид, Битола, Велес и Скопје. На пример во Битола, поради некоја причина, најдобрите музичари истовремено биле бербери, па берберниците претставувале и неформални музички клубови, каде малку се бричело и се потстрижувало а многу повеќе се свирело. Некои тајфи како придружба имале „чочеци“ - девојки кои танцувале додека се свирело, и кои сигурно делувале многу сензуално и егзотично.
Љубовта кон темата и кон материјалот на авторите, особено на сценаристот Ристо Солунчев, кој е професор по филозофија, но и самиот музичар, е заразна, па старите фотографии на масовните чалгаџиски забави или тивките кафански седенки го отвараат носталгичното трето око (и уво). Ех, да сте сега на една од тие свирки, па да му подадете банкнота на најблискиот музичар и да му речете - „Свирете ја онаа мојата!“. Онака, за кеиф.
Илина, Букбокс