Жилиет Бинош се сопнува на фамозните скали во Кан. Моника Белучи се жали на осаменост. Беатрис Дал го прекинува снимањето на бизарна разголена сцена и се крие во манастир. Жан Рено сака да се пензионира. А Сигурни Вивер зборува „искршен“ француски. Ако на списокот се додадат Шарлот Гинзбур и Клод Лелуш, оваа навидум лимонадеста комична серија добива неочекувани, енциклопедиски димензии.
Но не е само до појавувањето на познати ликови кои се играат самите себе. Приказната за Арлет, Андреја, Матијас и Габриел, како и другите вработени во агенцијата за таленти А-ес-ка, е истовремено хумористичен поглед зад кулисите на (европската) филмска индустрија, но и горчлив опис на хистеријата на капитализмот, кој во спрега со технологијата не дава ни пет минути мир. Мејловите не престануваат да фрчат, мобилните не прекинуваат да ѕвонат, а ликовите повеќе се ѕверат во нив отколку што гледаат едни во други. Ситуациите се менуваат од минута во минута, и ништо не делува сигурно и стабилно. Во ваквата „византиска“ атмосфера на мрднеш-губиш секоја зделка делува како филмска, дворска сплетка, во која победникот е најспособниот за манипулација, убедување и измама, дури и кога таа е насочена кон најблиските соработници. И сето тоа за 10% од секој договор (како што гласи и оригиналниот наслов на серијата).
Сепак, во целата таа мешаница од ликови и нивни односи, кои прават француската серија да личи на стереотипно турска, има и многу топли, човечки моменти. Тие веројатно би се стопиле врз позадината на понекогаш „тенката“ нарација да не се прекрасните актери, агентите од агенцијата, кои покрај тешката работа дополнително си го комплицираат животот, мешајќи го професионалниот и приватниот живот. Ова ги оправдува непотребно долгите, понекогаш лигави и предвидливи сцени - им простувате на име на елеганцијата и авто-сатирата. Плус сте задоволни што цели четири сезони по шест епизоди сте слушале француски. Кога ќе заврши четвртата и засега последна, сигурни сте дека сакате уште.
Илина, Букбокс