Лиза Сандерс е докторка и професорка по интерна медицина на Јеил. Но како ретко кој во нејзината професија, таа наместо да го монополизира медицинското знаење и да го прикаже како нешто недостижно за лаикот, го промовира на разбирлив и достапен начин, и обратно - од јавноста бара совет кога медицината нема одговор.
Серијата „Доктор Хаус“, за која Сандерс работела како консултант, била инспирирана од колумната која од 2002 таа ja пишува за Њујорк Тајмс под наслов „Дијагноза“. Оваа година, Нетфликс ја прикажа првата сезона од истоимена документарна серија, базирана на избор случаи од колумните. Истовремено беше објавена и книга, „Дијагноза: решавање на најзаплетканите медицински мистерии“.
Централна теза на серијата (и на книгата) е дека медицинските случаи кои претходно биле детално испитувани, а за кои сепак не се нашла соодветна дијагноза, па оттаму ни третман, можат да бидат разрешени со помош на луѓе од целиот свет. Тие, по секој детално образложен случај во колумната, добиваат шанса да испратат кратки видеа, во кои ги даваат своите сугестии, предлози и совети. Има тука и доктори-колеги на Сандерс, но и ветеринари, адвокати, домаќинки, студенти по медицина или други природни науки, луѓе кои поминале низ опишаната ситуација, или нивни родители и роднини.
Секоја епизода прикажува различен случај, на почетокот енигматичен и навидум нерешлив. Се запознаваме со контекстот во кој живее болниот, преку изјави од него и неговото семејство, кои најчесто се емотивни и трогателни. Исто така го следиме начинот на кој Сандерс ја пишува колумната - фокусирајќи се на човечката приказна, и без ронка „се’а-јас-да-ви-кажам“ став за тоа каква би можела да биде дијагнозата. Единственото прашање кое таа го упатува на читателите е - „Можете ли да му помогнете на овој човек?“.
И тие навистина се трудат, откривајќи ја моќта на интернет не само за споделување глупи коментари, туку за формирање јадро од луѓе кои не само што сакаат меѓусебно да си помогнат, туку се обидуваат да разберат и нешто за човечката состојба - ранлива и беспомошна кога не знае што е проблемот, и осамена во потрагата.
Дел од сугестиите на „толпата“ се веројатно за инстантен „дилит“. Но помеѓу илјадниците секогаш има некаков најмал заеднички содржател, кој Сандерс го користи како почетна точка. Кои дијагнози се најчесто спомнувани? Како состојбата на болниот се поврзува со нив? Што вели неговото медицинско досие, дали можеби некој битен детал е прескокнат при анализата на податоците? Интересно е што често клучот за решавање на проблемот не е во коментарите на докторите и медицинските лица, туку кај оние со слично искуство, или просто кај луѓе кои се емпатични и можат да се стават во телото на другиот, а притоа не се оптоварени со медицинско знаење.
Помеѓу вклучените во серијата има луѓе на различна возраст, социјален контекст и образование. На сите нив Сандерс им ја нуди безрезервната поддршка, која особено за американски услови е неверојатно битна. Низ серијата ја сфаќаме суровоста на системот, во кој луѓе се задолжуваат, ставаат куќи под хипотека, се откажуваат од амбиции за школување, само за да можат да платат една обична биопсија или магнетна резонанца. Дел од поддршката оттаму е и финансиска, со тоа што преку серијата дел од болните добиваат некакво здравствено осигурување кое претходно го немале, или пак стануваат дел од програми за истражување на нивната болест.
Освен што човек се запознава со состојби за кои претходно никогаш не ни претпоставувал дека постојат (на пример привремена парализа која трае неколку секунди после кое детето - и станува збор за дете - се „буди“ како ништо да не било), серијата поттикнува и свест за скапоценоста на здравјето, но и за важноста на нешто што се нарекува „заедница“, која во голем број општества се распарчува во име на индивидуализмот и независноста. „Дијагноза“ нуди опција во која отвореноста за сопствените здравствени проблеми може да биде мост за поврзување со други во слична ситуација, па дури и ако не се најде чарето, да остане пријателството и поддршката низ тешките времиња. Кои за оние кои страдаат од хронична, необјаснива болест, се навистина тешки.