Кога излезе мини-серијата „Големи мали лаги“, напишавме дека таа е за група богати американски мајки и она што лежи под површината на нивниот навидум совршен свет. Многу слична дефиниција би можела да важи и за „Слом“, правена врз основа на романот „Требаше да знаеш“ од Џин Ханиф Хорелицо, со тоа што тука фокусот не е само на мајките туку на цела ниша престижни професии и привилегирани луѓе, во основа аздисани, но и благо „оштетени“ од минати трауми.
Оценета од дел од критичарите како „лајф-стајл порн“, таа балансира помеѓу критика и сочувство со главните ликови. Грејс (Никол Кидман), успешна терапевтка и ќерка на милијардер (Доналд Сатерленд); нејзиниот сопруг Џонатан (Хју Грант), педијатар-онколог; мистериозната и провокативна Латино-Американка Елена Aлвез (ја игра Италијанката Матилда де Анџелис), љубовница на Џонатан, како и нејзиното семејство, мажот, синот и тукушто роденото бебе. Заплетот започнува кога таа е најдена мртва во своето студио, сурово удирана со чекан по главата. Сите траги водат кон Џонатан, кој имал мотив да ја убие со оглед на нејзината наводна опседнатост со него, и фактот дека почнала опасно да се приближува до неговото семејство.
Дали може некој кого го знаеме како шармерот од „Нотинг хил“, „Приказна за момчето“, „Дневникот на Бриџит Џонс“ или „Конечно љубов“, да биде брутален убиец?
Интересна анализа на Гардијан за пошироките импликации на филмот тврди дека кога ѕвездите на романтичните комедии стареат (а Хју Грант неодамна наполни 60), тие како да стануваат совршени за нов тип мрачни ликови. И ова не е прва ваква инкарнација на истиот актер, кој и претходно се појави како политичар-манипулатор во „Многу англиски скандал“, или како лошиот сопственик на театар во „Падингтон двојката“. Слична судбина го снаоѓа Ричард Гир, кој од играње неодоливи момци се префрли на медиумски могули, политичари и берзански магнати. Така стојат работите и со Метју МекКонахи и Винс Вон. Биолошкиот факт на стареењето како да подразбира промена од 180 степени на типот на ликовите кои се играат, а кои сега стануваат не само физички, туку и психолошки „начнати“ и цинични. За разлика од Грант, на Кидман ѝ е дозволено да биде и благо остарена, и морално исправна. Единствена мета на критика би можеле да бидат л’скавите кадифени мантили во кои постојано се појавува, како и сцените снимани од преблиску, во кои со благо деформираниот подбрадок (веројатно од невротоксини) делува како постојано налутено дете.
Ваквото преобмислување на холивудските заводници е еден од интересните аспекти на серијата, кој ја рефлектира промената не само во филмскиот статус на овие актери, туку е и добра метафора за начинот на кој се менува светот и нашиот однос кон него - од игрив и романтичен, таков кој дозволува лигавење, во крајно крвав и реален. Крајот на серијата во таа смисла е парадоксално очекуван, а истовремено крајно антиклимактичен и потценувачки. Но целата приказна и така не беше за тоа кој е убиецот.