Сентаро е средовечен маж кој води мала продавница за дорајаки - јапонски палачинки (мали, слични на оние што ние ги нарекуваме „американски“) кои се служат како сендвичи, со намаз од сладок црвен грав. Како што и би очекувале од Јапонец вешт во својот занает, тој станува во рани зори за совршено да ги обликува, а оние кои нема да испаднат такви ги дели бесплатно. Сцените во кои тој бавно ја истура смесата врз жешката плоча личат на некои од реално шоу за готвење.
Местото е мало, речиси и да нема место за седење освен на шанкот, а главни муштерии се ученички и по некој жител од маалото. Но тоа се менува кога на огласот за работа се јавува Току, возрасна жена која се претставува како мајстор за рецептот кој го правела половина век. Таа суптилно но сепак прилично остро го критикува „ан“-от односно намазот, и се ужаснува кога сфаќа дека тој е индустриски, од конзерва. Кога му носи од својот домашно приготвен намаз, Сентаро останува без зборови. Таа станува негов ментор, и како да го подучува боречка вештина а не готвење, му воведува строг распоред и долги часови бдеење над црвениот грав кој не смее ни да остане недоварен, но ни да стане леплива слатка помија.
Доколку не сте доволно трпеливи да го следите овој долг процес можеби овој филм не е за вас, но никако не би советувале да ги прескокнете овие сцени, затоа што токму тие се срцето на филмот. Ова би било и сосема доволно, да не била режисерката Наоми Кавасе (патем, наградувана на неколку пати во Кан) малку поамбициозна, па вметнала и втора, тајна приказна на Току, која делува баш како индустриски пандан на „рачно“ везената приказна за гравот.
Сè на сè топол филм за слатките и горчливите страни на животот, кој плени поради својот централен лик - бабичката што знае што прави кога прави сладок грав. Можеби, исто како и нас, ќе ве инспирира да ја вкусите пастата, во оваа фаза купечка - здравје, со малку време и трпение, и во домашна варијанта. Извини, бабичке.
Илина, Букбокс
ПС Еден можен рецепт тука