Стив Глу (Steve Glew) од Мичиген е еден од оние ликови кои и во младоста и на поодмината возраст изгледаат исто - разликата е само во белата брада. Опишан како нешто помеѓу хипик и бездомник, по професија машински оператор, тој знаел и да го искористи потценувачкиот однос на својата околина. И така да направи милиони долари од - Пез играчки.
Оние растени во поранешна Југославија многу добро се сеќаваат на нив, пластични кутивчиња кои се полнеа со правоаголни бонбони со различни вкусови со кукличка на врвот. Со повлекување на капачето излегуваше едно бонбонче. Па второ, па трето. Аналогно (дали тогаш сонувавме дека ова ќе биде необичен опис на играчка?), скроз едноставно, но преефектно. Кај нас доаѓаа од Словенија, од фабриката Колинска, денес прехранбена компанија Дрога Колинска, главно во хрватско сопствеништво. Тогаш не сме знаеле дека ПЕЗ бонбоните биле креирани најпрвин како антипушачки производ, се продавале во метални кутии или завиткани во хартивчиња. Првиот ПЕЗ „диспензер“ онаков каков што го знаеме е дизајниран и претставен на Виенскиот трговски саем во 1949, со што татковината на ПЕЗ е всушност Австрија.
Како што објаснува неговата претрпелива сопруга, Стив отсекогаш имал „бубачки во главата“ (а како што ќе се покаже подоцна, богами и гласови). Меѓу неговите откачени „проекти“ најпрвин било колекционерство на картонски кутии за корн-флејкс, што поради нивниот весел дизајн, што поради купоните за бесплатни производи кои ги сечел од нив. Откако се наполнил со илјадници од нив, почнал и да ги продава добиените играчки, а производителите од тогаш вовеле правило, наведено со болдирани букви на кутиите, дека едно домаќинство може да искористи само еден купон.
Но набргу читањето на криминалистичките романи на Том Кленси се исплатува. Сфаќајќи дека постои цела „ниша“ на колекционери опседнати со Пез, кои имаат пристап само до ограничениот број дизајни на диспензери одобрени од американскиот огранок на компанијата, тој одлучува да се нафати на ризичен и до некаде нелегален бизнис. Ризичен, затоа што вклучува набавка на кутивчињата со подмитување на вработените и функционерите во европските фабрики, а нелегален затоа што спомнатата американска компанија има ексклузивно право на производство и трговија со нив. Плус станува збор за 1990-тите, период на големи политички и економски турбуленции во Европа.
Низ филмот ги следиме патувањата на Глу со синот до фабриките во Словенија и Унгарија, нивните учества на конвенции на луѓе што се подготвени да платат и 11.000 долари за редок примерок, но и судирите со властите и царината. Една законска „дупка“ му овозможува на Стив да ги шверцува кутивчињата, а фактот дека компанијата не сака да се занимава со долгогодишни судски процеси значи дека тој практично има одврзани раце. Но затворањето на Колинска и еден ироничен пресврт ќе стави крај на неговиот 11-годишен успешен бизнис, период во кој наводно заработил речиси 5 милиони долари.
Филмот, кој можел додуша да биде и пократок, го портретира така што човек да не може а да не сочувствува со таквиот неуспех и да ги обвинува корпоративните фаци за алчност и злоба. Од друга страна, просто да му позавидиш на тоа колку се забавувал.
Илина, Букбокс