Во 2016 пишувавме за „Капетан Фантастик“ со Виго Мортенсен, во кој неговиот лик се обидува своите деца да ги заштити од злата на цивилизацијата. Оние кои го гледале веднаш ќе го поврзат со „Не оставај трага“, со тоа што од вториот ќе добијат многу повеќе.
На 20 мај 2004, весникот The Oregonian известил дека властите пронашле татко и ќерка кои живеат во Форест парк во Портланд. Ги „прибрале“, им дале да живеат на фарма на коњи и го запишале девојчето на школо (кое всушност имало поголемо општо знаење отколку нејзината генерација). По еден месец, двајцата исчезнале. Во тоа време нивната приказна го вознемирила населението - едни сметале дека таткото е лудак и насилник, други им се восхитувале на храброста да живеат самоодржливо цели четири години.
Ваквите дилеми од вистинската приказна го инспирирале авторот Питер Рок да напише книга - фиктивна биографија на овие ликови - под наслов „Моето напуштање“, врз чија основа е создаден „Не оставај трага“. Ко-сценаристка и режисерка е Дебра Граник, која пред овој го има направено „Винтерс боун“ (номиниран за Оскар за најдобар филм во 2011).
Но додека „Капетан Фантастик“ беше претенциозен и на моменти на граница на сатира, ова е реалистичен и многу суптилен приказ на она со што се соочуваат луѓе кои само сакаат да бидат оставени на раат. „Живеете на јавна површина“ - им вели социјалниот работник како ултимативен опис на нивниот „злостор“ кон општеството, кога со кучиња-трагачи го пронајдат засолништето на таткото Вил и 17-годишната ќерка Том. И покрај постојаните вежби на бегање и камуфлирање среде густата папрат, тие не можат да се скријат од долгата рака на системот.
Таткото е поранешен војник со пост-трауматски синдром, кој за своите симптоми би требало да е на тешки лекарства или можеби веќе самоубиен, како голем број негови колеги. Неговите мотиви се прилично јасни - тој таканаречен „нормален“ свет е оној кој е извртен, нехуман и суров, а не шумата, која дава сè што му е потребно на човека без да поставува услови. Да, животот физички е така потежок, но ментално незагаден. И покрај разбирачката за ваквиот став, сепак е тешко да се биде исклучиво на негова страна, кога тој до себе има ќерка-тинејџерка, во години кога допрва го осознава светот. Не можејќи да замислиме дека таа сепак би го минала целиот свој живот во шума, претчувствуваме во кој правец ќе се развива филмот.
Па сепак, расцепот којшто е очекуван е толку нежен, како крзно на ушите на дебеличок зајак или држење рој пчели на гола дланка. Нема лош и добар лик. Има само такви кои се обидуваат да си го најдат патот.
Илина, Букбокс