Биографијата на Ли Милер ги има сите елементи на грандиозна приказна, на која ѝ биле потребни осум години да биде раскажана во облик на филм, но многу повеќе за воопшто да биде откриена.
Родена во 1907 година во државата Њујорк, таа била модел на нејзиниот татко - аматерски фотограф. Кога имала само седум години, била силувана додека престојувала со семеен пријател во Бруклин и заразена со гонореа. Цело понатамошно детство имала трауми од овој настан, покажувала агресија и била бркана од сите училишта во кои учела.
На 19 години за малку ќе била прегазена од автомобил на Менхетен, а во последен момент ја спасил Конде Наст, издавачот на списанието „Вог“. Инцидентот помогнал да започне кариера на модел - нејзиниот атрактивен изглед, комбиниран со храбриот став и амбициозноста од неа правеле одличен пример за „модерна девојка“. Во форма на цртеж се појавила на насловната на Вог на 15 март 1927.
Но нејзините планови биле поинакви. Иако позирањето и' обезбедувало финансиска поткрепа и движење во високите кругови, желбата и' била самата да студира уметност и фотографија. Заминала за Париз и се запишала на школа за театарска продукција. Препознавајќи ги авангардните имиња на своето време, таа чукнала на вратата на надреалистот-фотограф Мен Реј со зборовите - „Јас сум вашата нова студентка“. Иако најпрвин се противел, таа набргу станала негов модел и соработник, љубовница и муза. Друштвото во коешто се движела ги вклучувало и поетот Пол Елијар, Жан Кокто (кој вметнал статуа со нејзин лик во својот филм „Крвта на поетот“) и Пабло Пикасо.
Следат караница со Ман Реј, враќање во Њујорк, отворање студио за модна фотографија кое наскоро станува престижно (работела за Елизабет Арден и Хелена Рубинштајн) и соло изложби. Во 1934 се мажи за египетски бизнисмен и инженер, со кого заминува во Египет. По само 4 години и' здосадува во Каиро и се враќа во Париз, каде уште првата ноќ по пристигнувањето, на забава, го среќава британскиот сликар и куратор Роланд Пенроуз, кој ќе и стане сопруг.
Филмот за којшто всушност пишуваме почнува тука. Но доколку не се знаат овие детали што претходеле на одлуката Ли да почне да се занимава со воено репортерство, таа (одлуката) изгледа каприциозно и исклучиво мотивирано од адреналинот на потфатот. И покрај одличната Кејт Винслет во главната улога, сценариото многу повеќе се занимава со она што се случува, а не со сложеноста на ликот, кој на моменти делува многу „роботски“, дури и кога пушта солза. А има и за што да пушти. Почетокот на војната ја затекнува во бомбардираниот Лондон. Без оглед што може да ја напушти земјата и да се врати во САД, таа останува и се придружува на фронтот но како Американка (британската армија не дозволува придружба на жена-цивил), со фото-апарат наместо со пушка.
Во текот на Втората светска војна таа регистрира куп историски настани, обезбедувајќи им контекст и сведочења за страшните жртви. И покрај тоа што сакала да ја документира војната како „историски доказ“, нејзините фотографии имаат и уметничка вредност, а понекогаш биле и манипулирани (онолку колку што дозволувала тогашната технологија) за да поттикнат посилна емоција. Од големо значење притоа била нејзината соработка со фоторепортерот на Лајф Магазин, Дејвид И. Шерман (во филмот го игра Енди Самберг), кoj ja придружува на поголемиот дел од овие задачи, а ја има направено и антологиската снимка на Милер како седи во кадата во приватниот стан на Хитлер во Минхен. Фотографијата е направена на 30 април 1945, случајно на истиот ден кога Хитлер и Ева Браун вршат самоубиство.
И покрај ужасот на војната во текот на нејзиното одвивање, Ли всушност го слика најстрашното по нејзиното завршување - концентрационите логори Бухенвалд и Дахау. Кога ќе сфати дека уредничката на британскиот Вог не дозволила нивно објавување, доживува нервен слом и уништува поголем број од сликите. Сепак, дел од нив се објавени во американскиот Вог, под наслов „Верувајте“.
Можеби поради ова разочарување, а можеби просто од умор од дотогашниот преинтензивен живот, Ли по војната се мажи за Пенроуз, го раѓа единствениот син Ентони и живее на фарма Таму често ја посетуваат Пикасо, Хенри Мур, Ман Реј, Макс Ернст. Иако повремено фотографира, ја претвора темната комора во широка кујна, во која правела експерименти со храна (главно рекреирајќи историски рецепти). Сепак, сцените кои ги видела во текот на војната ја прогонувале и често страдала од депресија. Починала од рак на бели дробови на возраст од 70 години, во 1977.
Дури подоцна нејзиниот син ги нашол фотографиите на таванот и сфатил дека неговата мајка не се занимавала само со мода. Станувало збор за 60.000 фотографии, негативи, документи, дневници. Ова на малку збунувачки начин се открива во филмот дури на неговиот крај.
„Дупките“ од овој вид во режијата можат да се објаснат со фактот што на режисерката Елен Курас ова ѝ е прв игран докуметражен филм. До сега таа беше позната по соработката, како снимателка, на филмови на Спајк Ли, Џармуш, Скорсезе, како и по своите документарци. Но и ваков каков што е „Ли“ е значајно парче во биографскиот мозаик за оваа исклучителна жена.
Илина, Букбокс