Д. Б. Купер е медиумско име на човек кој од 1970-тите до денес е урбана легенда, по кого трагаат и официјалните власти, но и голем број аматери и трагачи по шерлокхолмсовски возбуди. Мистериозна, фраерска фигура која на 24 ноември 1971 со само едно ливче подадено до стујардесата на кое пишувало дека со себе носи експлозив го киднапирал авионот кој летал од Портланд до Сиетл. Побарал 200.000 долари (денешни над милион), четири падобрани (за да не му дадат само еден расипан) и потоа среде дожд и невреме се фрлил од авионот за никогаш повеќе да не се појави. Митот за него опстојува во поп културата веќе 50 години, од „Мед мен“ до „Брејкинг бед“.
Нова документарна серија на Нетфликс се обидува да го синтетизира сето она што го знаеме за него, иако очигледно тоа не помага во неговото идентификување. Серијата почнува „ин медиас рес“, без многу воведи и контексти, бидејќи претпоставува дека речиси секој што ќе посака да ја види веќе знае за настанот и главниот лик. Оние пак кои до сега немаат слушнато за него веднаш ќе се сродат со неговите фраерски манири - господин човек со темни наочари и одело седнува во авион, нарачува бурбон, за десетина минути од лет кој трае вкупно триесет пуши дури осум цигари (ова е во времето кога тоа беше дозволено) и успева да го убеди екипажот дека авионот треба да кружи околу аеродромот додека неговите барања не бидат задоволени. Авионот се приземјува, сите патници се ослободени, некои од нив дури и не сфатиле дека станува збор за киднапирање, а кратко време откако тој повторно полетува грабнувачот исчезнува со падобранот и акт-чантата полна владини пари. Па има ли подобро?
Недостатокот на серијата е што прашањето поставено во насловот во ниту еден момент не е одговорено, туку авторите нè вртат во кругови претставувајќи ни ги во непотребни детали некои од осомничените. Помеѓу нив најголем простор му е отстапен на Роберт Рекстроу, кој и физички наликува на официјалниот полициски потрет, а како виетнамски ветеран ги имал и потребни вештини. Сите знаци упатуваат на него, тој никогаш отворено не негирал дека е можеби бараниот човек, но дури и утре тоа да се докаже, веќе е доцна- Рекстроу почина во 2019 како слободен човек.
Всушност, ова и не е серија за Д.Б.Купер колку за цела супкултура формирана од луѓе кои не се професионални детективи, криминолози или правници, но кои откако еднаш се фатиле на орото на Купер веќе не можат да се пуштат. Помеѓу нив како речиси трагична фигура се издвојува Том Колберт, на кого овој проект му е од животна важност, а во него го вклучил и семејството и многу лични средства, за да докаже дека Рекстроу е Купер. По професија новинар, тој доживува тешки сломови секој пат кога оние околу него (на пример ЦИА) нема да поверува на неговите наоди, кои тој веќе некритично ги толкува исклучиво низ призмата на своето убедување.
Оттаму, гледањето на оваа серија повеќе зборува за нашата потреба за одговори. Бидејќи тие мора да постојат, особено за еден ваков навидум банален случај во кој изгледа дека само еден човек го надмудрил системот. Како што вели уште еден опседнат трагач по вистината за случајот, можеби е подобро таа и никогаш да не се дознае, за митот да продолжи да живее.
Илина, Букбокс