На 25 јули 1978 во Манчестер е родена Луизa Браун, првото бебе зачнато со ин-витро оплодување. Нејзиното појавување на свет е поздравено како „најголемиот медицински подвиг на 20 век“. Токму по неа е именуван и овој филм, бидејќи средното име, по избор на заслужните лекари, било - Џој или радост.
Нов филм на Нетфликс ја следи приказната на тимот до овој момент - физиологот Роберт Едвардс, хирургот Патрик Стептоу и Џин Пурди, болничарка која иако рамноправно со своите колеги учествувала во долгогодишниот проект 30 години го немала добиено заслуженото признание. Нејзините мотиви се всушност длабоко интимни - иако многу млада (на почетокот на филмот има само 24 години), таа страда од сериозна ендометриоза поради која знае дека никогаш нема да може да има деца.
Нејзината поврзаност со спомнатиот тим започнува во 1968, кога аплицира и добива место во Физиолошката лабораторија на Кембриџ на Роберт Едвардс, кој во тоа време работи на пионерска репродуктивна техника - IVF. Тој и Стептоу формираат Центар за човечка репродукција во кој со помош на лапароскопија ги собираат претходно растените јајце-клетки од стерилни жени-доброволки и ги оплодуваат со спермата на нивните сопрузи „во стакло“, односно ин витро, за потоа, доколку се формира ембрион истиот да го вратат во матката на мајката. Пурди во сето ова помагала како лаборант, внимавајќи на стерилноста и контролата на можни инфекции и изработувајќи ја течноста која ги држи во живот спермата и јајце клетката додека тие не бидат преселени кај мајката. Истовремено, водела детални белешки за секој случај, што во огромна мерка помогнало да се следи напредокот или грешките. Нејзината улога била толку голема, што кога морала да направи пауза за да се грижи за болната мајка, целиот проект исто така паузирал.
Сепак, филмот ги прикажува не само медицинските, туку и пошироките општествени предизвици со кои се соочувал нивниот потфат. Како и при секоја научна револуција, има конзервативни сили кои истата ја спречуваат и кочат. Но кога е во прашање ин-витро зачнување, дискусијата не останува само во рамките на еснафот - создавањето живот е и религиско прашање. Дали со ИВФ човек си игра Бог? Дали (и ова во тоа време не било познато) децата родени на овој начин би имале некоја маана во однос на оние зачнати по природен пат? И покрај нормализирањето во законска и етичка смисла на ин витро методот во повеќето светски земји денес, има и такви во кои важат одредени ограничувања (на пример само од парови во брак со нивните сопствени гамети - без донатори) или пак ја следи социјална стигма. Само прочитајте дел од коментарите под веста дека 61 годишна жена од Македонија успеала на ваков начин да добие дете после долга борба со стерилитетот, и ќе ви стане јасно за што зборуваме.
Но „Џој“ зборува за радоста на новородениот живот, што успева барем за малку да ја тргне сенката од судбината на Пурди, која починала на 39 години од рак и не можела, исто како и во меѓувреме починатиот Стептоу, во 2010 да застане до доктор Едвардс кога овој ја примал Нобеловата награда за медицина (која се доделува само на живи добитници). Сепак, по негово инсистирање, нејзиното име од тогаш конечно стои на спомен плочата на болницата Олдхам, а него треба да го знаат сите, особено оние кои на ваков начин успеале во желбата да станат родители.
Илина, Букбокс