„Жалам за сето ова дрн-дрн до сега. Точно е дека се нафатив, ама мислев дека документарецов ќе биде за серијата, а не за мене“.
Вака вели на самиот почеток од филмот Дејвид Чејс (79), продуцентот, сценарист и генерално „мозокот“ зад денес култната серија „Сопранови“. Седнат наспроти новинарот што го интервјуира во реплика на психијатриската ординација на д-р Мелфи, тој на почетокот е тензичен, пркосен, на работ да стане дрзок. Испиен во ликот и со постојано истото стегнато држење, тој навистина личи на стар мафијашки лисец, кој секој момент може да извади „Глок 19“ - според деталните статистики најчесто користеното оружје во серијата. Но исто толку е можно тој намерно да создава „мета“ ситуација на нетрпеливост, иста онаква на самиот почеток на „Сопранови“, кога Тони нерадо и со чувство на погазено достоинство влегува на сесија на Мелфи. Со луѓе како Чејс - исто како и со Тони - едноставно не се знае на што си.
Ваквата поврзаност помеѓу животот и серијата доминира низ целиот наратив на тричасовниот документарец во два дела на Алекс Гибни. Прилично е очигледно дека тој е правен со однапред поставена теза - дека Чејс пресликувал не само анегдоти и ликови од своето непосредно опкружување, туку дека во серијата се пресликувал и себеси. Спрегата меѓу личното и текстот низ сезоните еволуира паралелно со динамиката која владее во самата екипа, особено односот помеѓу ко-сценаристите и доминантниот и често дрзок Чејс. Со оглед на неговиот перфекционизам, наместо нештата да станат полежерни и приказната да тече „органски“ (додуша со огромен ризик така да продолжи на интелектуален „автопилот“ и да заврши како најобична гангстерска серија), тој постојано го поместува границите, вметнувајќи ги точно оние елементи и пресврти поради кои серијата ја нарекуваме антологиска. Сите соработници на Чејс интервјуирани во филмот изразуваат огромна почит кон него и неговата работна етика. Но освен стравопочит, никој не изразува чувство на приврзаност и љубов.
За оние кои дошле до таму да членуваат во форуми или да ја имаат неколку пати читано „Се разбудив утрово: дефинитивна усна историја на Сопранови“ (Букбокс осврт тука), филмот не содржи кој знае какви нови и до сега непознати моменти. Но некои се доволно дополнети и „зачинети“ за да бидат интересни. Си-би-ес ја одбил серијата затоа што не им се допаѓало тоа што Тони зема Прозак. Публиката на која ѝ била прикажана само пилот-епизодата сакала шоуто да биде за жена му на Арти Буко, Шармејн! Првата сезона требало да заврши со смртта на мајката на Сопрано, но актерката што ја игра (Ненси Маршанд) имала рак на бели дробови и го молела Чејс да продолжи да работи. Тоа е и единствениот пат кога тој променил мислење - сите останати ликови што требало да ги снема во серијата ги „убивал“ ладнокрвно (добро, пак со еден исклучок, ама да не правиме до толку спојлери). Често се снимале две верзии од еден ист крај, само за да не „протече“ вистинскиот во јавноста. Откако Гандолфини се договорил со ХБО за 1 милион долари по епизода, имал грижа на совест и на секој од екипата му дал чек од 30.000 долари (освен на Кармела, која во документарецот изгледаше како прв пат да слуша за ова).
И после толку дрн-дрн, вистинскиот љубител сепак не може да остане рамнодушен, ако ништо друго а тогаш барем од носталгични причини. Актерите денес се остарени, променети, можеби веќе и уморни да зборуваат за „Сопранови“. Ова важи особено за значењето на нејзиниот крај. А вистината за тоа е -
Илина, Букбокс