Ѓубре или уметност?: уметнички дела во вселената

Разликата помеѓу културен артефакт и вселенски отпад е тешка за одредување, па дури и (или особено) стотици километри над Земјата.

Во моментов има повеќе од 1800 активни сателити кои орбитираат околу нашата планета, кои изведуваат куп активности: собираат податоци за времето, помагаат за навигација по патиштата, шпионираат непријателски цели итн. Оваа есен, ако сè оди според планот, ним ќе им се придружи мал сателит, во вид на кутија, кој ќе биде лансиран во вселената како дел од ракетата SpaceX. Вакви сателити, наречени КјубСатс веќе има многу во орбитата, и овој нема по ништо да се разликува од нив. Барем не на почетокот.

Но кога ќе достигне околу 560 километри над земјата, тој ќе се одвои од рактетата и ќе се отвори. Неговата сребреникава внатрешност потоа ќе создаде скулптура, во форма на дијамант. Резултатот е наречен Орбитален рефлектор, дело на уметникот Тревор Пејглен, кој сака тој да биде „првиот сателит кој ќе претставува исклучиво уметнички израз“.

Но уште од сега оваа идеја предизвикува остри дебати помеѓу астрономите, за тоа што е она што припаѓа во вселената. Скулптурата потсетува на друг сателит кој беше лансиран во јануари: Ѕвездата на човештвото, објект во форма на сфера изграден од компанијата Рокет Лаб, покриен со десетина високо рефлективни панели. И неговата цел беше едноставно да биде виден од Земјата, и ништо повеќе од тоа.

Некои астрономи сметаат дека објекти како овие - пасивни, светкави сателити без јасна научна или комерцијална цел - не припаѓаат на вселената. Тие предупредуваат дека овие сјајни површини можат да ги нарушат астрономските опсервации, и да предизвикаат загадување на орбитата блиску до Земјата, кое е веќе прилично натискано со ѓубре.

Но уметникот зад идејата не мисли така. „Зошто Орбиталниот рефлектор би бил попроблематичен од стотиците други сателити и ракети кои се лансираат секоја година? Во позадината изгледа стои идејата дека уметноста не е доволно добра и дека уметниците не треба да учествуваат во овој вид продукција. Зошто сме навредени од скулптура во вселената, но не сме навредени од технологија за таргетирање нуклеарни ракети, или од таква за масовно следење?“, прашува тој.

Но на крајот на краиштата, судбината на ваквите проекти не се одредува од страна на луѓето кои ќе ги испратат во орбитата, туку од самата околина во која тие ќе престојуваат. Тие ќе патуваат додека врз нив не почнат да влијаат честичките воздух, да ги успоруваат и да ги влечат во спротивната насока од онаа на движењето. Тогаш рефлекторот ќе почне да паѓа, ќе влезе во полето на земјината гравитација и во атмосферата, каде ќе се претвори во прашина. Што, од друга страна, е добра симболика, за сиот човечки напор да се остави значајна трага во вселената.

30 август 2018 - 10:14