Фрлени на диви животни: казни за одбегнувачи на даноци во древен Рим

Неодамнешно дешифрирање на папирус покажува колку биле строги санкциите кон оние што правеле дубари сакајќи да ги одбегнат обврските кон државата во древен Рим. Човек два пати да помисли дали да се впушта во такви авантури. 

Неодамна Њујорк Тајмс пишуваше за извесни Гадалијас и Саулос кои пред 1.900 години биле судени затоа што се обиделе да избегнат плаќање данок. Папирусот кој го документира сето ова датира од времето на владеењето на Хадријан, околу 130-та година од нашата ера. Двајцата биле обвинети за фалсификување документи и незаконска продажба на робови или нивно исто така незаконско ослободување, сето тоа без притоа да ги платат своите обврски кон римските провинции Јудеја и Арабија, регион кој денес отприлика се совпаѓа со Израел и Јордан. 

Како што и може да се претпостави, законските одредби за оваа работа во древен Рим биле „малку“ построги отколку истите денес. Санкциите биле во опсег од високи парични суми, преку долготраен егзил, до тешка работа во рудници за сол. Во најлош случај се применувало damnatio ad bestias, јавна егзекуција во која даночниот обврзник бил фрлан на диви животни (против кои секако немал шанси). 

Долго погрешно класифицираниот документ, напишан на старогрчки, бил дешифриран дури во 2014. Тим истражувачи направил детална физичка анализа и ги проверил имињата и локациите споредувајќи ги со други историски извори. Во јануари оваа година излезе и научна статија која се обидува да им влезе во положение и на судиите и на криминалците. Изгледа дека иако биле на маргините на империјата, обвинителите употребувале многу вешти реторички стратегии, рамни на Цицерон и Квинтилијан и покажувале одлично познавање на римските правни термини и на концептите во старогрчкиот. 

Со каква казна завршиле спомнатите избегнувачи на даноци сепак не дознавме... 

17 април 2025 - 16:36