Стереотипни претставници на шведската кујна се ќофтиња и харинги, но во реалноста голем број Швеѓани ги минуваат вечерите пред телевизор јадејќи тако или тортиља. Tие се едни од најголемите потрошувачи на мексиканска храна во Европа, а токму овој вид храна е во суштината на саканиот нордиски концепт „фредагсмис“ (г-то речиси и да не се слуша) или „пријатен петок“.
Семејства кои гледаат филм заедно, под ќебиња и со свеќи, особено во студените зими. Собирање со пријатели барем еднаш месечно, но не на пијанка во кафана, туку на друштвени игри или просто на муабет во домашна атмосфера. И секогаш во - петок.
„Фредагсмис“ влезе во официјалниот речник на шведскиот јазик во 2006, со тоа што претходни промени придонесоа за популаризација на концептот. Имено, до доцните 1980-ти телевизијата била државно финансиран монопол во Шведска, но тогаш властите дозволиле на пазарот да влезат комерцијални играчи, со што на семејствата им е овозможен поголем избор канали и шоу програми. Истовремено вратите се отвораат и за рекламите, кои протежираат „утешна храна“, како бургери, чипсови и брзопотезни јадења соодветни за фредагсмис ноќи.
Швеѓаните сакаат да си го организираат слободното време, па така 53% од нив минуваат најмалку два часа неделно вежбајќи, просек кој во Европа го надминуваат само Финска и Данска. Шведска исто така има највисок број хорови по глава на жител во светот. Често голем број семејства не вечераат заедно во текот на неделата затоа што некој има некаква активност, и родителите, и децата. Оттаму петочните вечери се за луѓето да здивнат, и да се видат.