Фрази и нови кованици кои ја одбележаа 2020-та

Вообичаено речниците на англиски јазик бираат збор на годината, а тоа се прави и во други говорни контексти (германски, француски). Но Њујорк Тајмс одлучи да одбере неологизми (нови кованици) како и изрази кои се користеле и претходно но сега или се актуелизирале или добиваат ново значење во контекст на пандемиската 2020.

Одбраните изрази се на англиски, но ќе се обидеме да ги преведеме, со оглед на тоа што нивното значење ни е познато (иако можеби немаме збор за „тоа“).

Blursday (маглоден)

Оваа година поинаку се доживува минувањето на времето - деновите изгледаат како недели, а од друга страна месеците ни пролетаа. Звучи парадоксално, но веруваме дека и вам ви е исто. Рутината на животот во карантин и/или во делумна изолација ја направи 2020-та вистинска година на мрмотот. Вашингтон пост дури воведе и њузлетер под наслов „Кој ден е денес?“.Сето ова резултираше со „маглоден“ - не сосема јасна претстава за тоа кој ден во неделата и кој датум е воопшто.

Doomscrolling (кобноскрол)

Она кога знаеш дека консумирањето лоши вести и апокалиптични статии се лоши по твоето ментално здравје ама сепак не можеш да се воздржиш. На Твитер се појави и профил на новинарката Карен К. Хо, со прекар Doomscrolling Reminder Lady која секоја вечер ги потсетува твитерџиите да си ги изгаснат компјуерите и мобилните и да се посветат малку на себеси. „Вашето време и енергија се вредни и ограничени ресурси. Се уште имате способност да се грижите за себе. Доволно вредите за да паузирате со мониторите и да си овозможите време за одмор“, мантра таа.

Зарем до таму стигнавме за некој да мора да не потсетува на ова?

Pod (мешунка, кожурец) и quaranteam (карантим)

Долго време слушавме за информациски „меури“, кои ни се формираат на социјалните мрежи и со персонализирани гугл пребарувања. „Под“ е исто така начин на социјално и физичко изолирање, при што контакт се одржува само со мала група пријатели и со семејството. Да одлучиш кој спаѓа во „кожурецот“ и да имаш доверба во нив е голема работа, за оние кои имаат можност воопшто да бираат.

Unprecedented (без преседан)

Иако во првите недели од пандемијата имаше ефект, ова е еден од зборовите кои набргу се потрошија. Доволно е да се погледне оваа супер-монтажа на реклами на различни компании од средината на април до сега за да се добие морничаво чувство на копи/пејст на една и иста атмосфера. Да, ваква воедначеност е без преседан во историјата на рекламирањето.

извор

18 декември 2020 - 19:05