„Детски хор" (2015), со Дастин Хофман, е филм за момче кое заради талентот, но и по низа трагични околности, станува дел од еден од најдобрите машки детски хорови во САД. Во интернатот на музичката академија во чиј состав е хорот момчињата влегуваат како деца, а излегуваат откако гласовите ќе им измутираат до тој степен што веќе не можат да пеат ни алт. Филмот не е кој знае што, но сепак јасно ја отсликува компетитивноста на ваквите институции, во кои рокот на траење на неговите членови е прилично краток, но животниот влог голем. Како детска замена за отслужување воен рок, тие таму биваат иницирани во светот на возрасните, многу порано и поинаку од „обичните" деца.
Еден од ваквите, светски славни детски хорови е оној на Виенските момчиња. Составен од 100 хористи помеѓу десет и четиринаесет години, тој е основан 1498 од императорот Максимилијан I, кој дал наредба 12 момчиња да бидат донесени на неговиот двор и да бидат обучени како пејачи. Дури во 1986 во неговите редови е примено прво момче кое не е од Австрија. И тука децата живеат во интернат (Палатата Аугартен, поранешната царска резиденција на Хабсбурговците). Откако гласот на момчето ќе му се смени во пубертетот, тоа излегува од хорот, но може да остане во училиштето до добивањето на средношколска диплома.
Во 1962 Дизни снима игран филм за хорот под наслов „Речиси ангели“, кој го покажува процесот на регрутирање, пробите и животот во институцијата, со акцент на пријателството и лојалноста. Во филмот глумеле деца кои навистина пееле во хорот и на реални виенски локации. И покрај целата романтична аура околу животот во хорот, засилуван преку популарната култура, во 2010 осум поранешни негови членови проговараат за сексуална злоупотреба од нивни наставници и други вработени во интернатот.
Настапот на хорот на овогодишниот новогодишен Виенски концерт
Еден друг хор пак е фасцинантен по неговата големина - Детскиот хор на Русија. На 8 јануари 2014 тие го имаа првиот концерт со Маринскиот оркестар во Санкт Петерсбург. Се работи за 1,000 (и со бројки: илјада) деца, со по десет-петнаесет претставници од 83 руски региони, кои вежбаат одделно а потоа имаат само неколкудневни заеднички проби. На нивната програма се хорски дела од Рахмањинов и Прокофјев, како и руски и украински народни песни, но и хорски аранжмани на домашни детски песни.
Тука целиот концерт - погледнете како изгледа да се отвори завеса (после оркестарскиот вовед, од 3:32) зад која, како пчелички во кошница, стојат 1000 дечиња, строги, насмеани, дебелки, со коси очи, со долги плетенки, со широки очи, секое со своја приказна. И силата на едно општество за сета оваа логистика и дисциплина, па макар за инает на западните пандани на ваквите хорови, од (пих!) само сто момчиња.
Локално, се сеќавате ли на хорот Колибри? Една од нивните најубави песни, „Најлепша је земља моја" на времето се однесуваше на Југославија, за сега да се пее како песна за Србија. Еве интересно видео во кое неколку генерации членови на хорот на сцена ја изведуваат оваа песна, постарите со историското бреме на нејзините стихови, помладите несвесни за истото
Сплет песни од Златно Славејче 1972-1975