Кога Кристина Ричио била тинејџерка во Њу Џерси, таа и сестра ѝ качувале глупи видеа на јутјуб на кои играле на музика на Бритни Спирс или се обидувале да направат колут назад. Дури кога се запишала на факултет, во 2010, таа прв пат зборувала директно во камера, снимајќи онлајн видео осврт за „Игри на гладта“ на Сузан Колинс.
Продолжила со ова, но многу посериозно, откако завршила факултет, кога отворила и посебен канал PolandBananasBooks, објавувајќи реакции на филмски адаптации на книги и претставувања на тукушто излезени изданија. Првото лето додека го правела ова бројот на следачи на нејзиниот канал пораснал на 5.000. Сега, на возраст од 27 години, таа бројка е близу 400.000. Така, таа во моментов е најпознатата „буктјубер-ка“, која им препорачува книги главно на тинејџери.
Секако, таа е забележана од задолжените за маркетинг на поголемите издавачи. Веќе има соработувано со одделот за детска литература на Блумсбери, од каде велат дека е многу подобро да ги начекаш читателите онаму каде што тие веќе се - на интернет.
За нас видеата на Ричио се претеатрални, нападни, заморни дури и кога траат само 8 минути. Но за новите генерации објаснувањето на книги од страна на симпатична русокоса девојка, која некогаш знае и да ги глуми ликовите, и притоа користи реквизити од типот на куклички и ракавици за миење садови, се очигледно интересни. Барем според коментарите под видеата кои се полни со насмеани емоџи-ња, и придавки од типот „брилијантно“.
Секако, оваа девојка не е единствената со јутјуб канал посветен на книги. И знаејќи дека оваа публика е многу помалубројна споредено со онаа која гледа видеа на други теми, Буктјуберите се солидаризираат и заеднички се организираат, на пример за настани во живо каде се среќаваат со нивните „претплатници“. Имаат и заеднички канал, Booksplosion на кој секој месец бираат нова книга и преку видео дискусија во живо споделуваат мислења.
Четиристотините илјади на Ричи навидум не се ништо во однос на 15-те милиони претплатници на Лиза Коши, на пример, која прави видеа за козметика. Но во светот на книгите таа и нејзините колеги се славни личности кај помладата генерација.
Има додуша и Буктјубери кои во видеата се осврнуваат на литература за возрасни. Таков е примерот на Доминик Тејлор и нејзиниот канал The Storyscape, на кој буктјубери разговараат како на час по англиска книжевност. И таа, како и помладата Ричио имаат книжевни амбиции, а нивните содржини се прелеваат и во друга видео ниша, AuthorTube, составена од писатели кои го документираат нивниот процес на пишување.
Видеата често се поврзани со оф-лајн настани, како фото натпревари, делење подароци и други предизвици. Вакви канали сигурно има многу и во не-англиските говорни подрачја, а кој знае, можеби има и некој скриен кај нас. Дека постои ризик и тие да бидат допрени од долгата рака на комерцијализацијата и рекламирањето, тоа е повеќе од сигурно. Но ако ништо друго, во случајот со тинејџерската литература, децата барем нешто читаат.