На 30 март 1889 толпа возбудени деца, дури 2000 на број, се појавиле во Бруклин на основачката конвенција на клубот „Златни часови“.
Golden Hours бил популарен илустриран весник полн авантуристички приказни за млади читатели, чиј тим за таа вечер имал подготвено различни типови забава за фановите: неколкучасовни изведби од познати музичари, цртање карикатури, акробати и стомакозборци, со програма која траела до полноќ. Имало и славни писатели, кои на децата им читале делови од омилените книги.
Главна ѕвезда бил П. Т. Барнум, наречен „најголемиот шоумен на светот“, писател и политичар но најпознат како сопственик на циркус, за кого минатата година Хју Џекмен го сними истоимениот филм. Тогаш тој веќе бил прилично возрасен, но со своите 79 години се уште предизвикувал овации дури и кај помладата публика. Тој пред нив извел неколку магични трикови, а потоа им зборувал за важноста на моралот и добрите навики: „Момчето кое пуши цигари прави нешто што природата не му го наменила, а девојчето кое носи евтин накит прави 2 и 2 да е рамно на 22“, им рекол.
Сето ова сепак било овозможено од огромната популарност на џепните романи, печатени на евтина хартија, и на неделните илустрирани списанија кои му угодувале на јавниот вкус. Со оглед на растечката писменост, кои и самите ја инспирирале, овие дела биле предвесници на модерната популарна белетристика, особено онаа хумористичната и научно-фантастичната.
Тиражот на ваквите изданија биле неверојатни со оглед на времето за кое станува збор. „Златни часови“ на пример се печател од 1888 до 1904 секоја недела во над 800 парчиња. Една од главните теми била прединдустриска Америка и носталгијата по неа, авантури кои влучувале Индијанци, тепачки, патувања преку океанот, во џунглите и околу извидничкиот оган, сите „машки“ теми, што значело дека целна група биле токму момчињата. Домородното население било претставувано во особено лошо светло, како анималистички дивјаци, а жени-ликови барем во оние попопуларните изданија речиси и да немало, освен во форма на нечија љубена.
Ваквите списанија не биле само возбудливи туку во модерна смисла и интерактивни. Постојано организирале натпревари, содржеле рубрика за писма на читатели, и обезбедувале платформа преку која децата можеле да контактираат со уредниците и да придонесуваат со свои приказни. А настаните како оној од почетокот на текстот требало да ги спои момчињата, за тие да споделат искуства преку кои и полесно ќе го минат тинејџерски период и ќе станат возрасни. Што не значело дека подоцна се откажувале од читање на ваквите списанија.
Евтините романчиња продолжиле успешно да излегуваат до 1920-тите, а собири се одржувале до 1930-тите. Тогашните фанови биле всушност оние кои ги воспоставиле денешните принципи на „фандомот“ - мешавината на тоа да се биде во близина на славни личности, да се споделуваат искуства и приказни, и активно да се учествува во моделирањето на идните насоки на одреден бренд, во случајов на книгите и списанијата наменети за младите.