ЕТНОФФ - 5-то издание на Фестивалот на студентски етнолошки филм

На 5 октомври (сабота) од 10-17 часот во Кинотека ќе се оддржи петтото издание на ЕТНОФФ - студентски етнолошки филмски фестивал. Влезот е бесплатен.

На програмата се 18 кратки студентски филмови од различни земји во светот (В. Британија, Италија, Етиопија, Мексико, Грција), кои низ визуелни алатки истражуваат релевантни и актуелни теми кои се однесуваат на социјалниот живот, ритуалите, родовите прашања, и малите нешта во секојдневниот живот, кои низ објективот на камерата стануваат големи и значајни.

Целосната програма со синопсиси подоле. ФБ страница на ЕТНОФФ тука

Фестивалот е финансиски поткрепен од страна на Агенцијата за филм, со поддршка од Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, УКИМ.

ПРОГРАМА ЗА ЕТНОФФ БР. 5, 5.10.2019 (сабота)
КИНОТЕКA
------- ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН ----------

10.00 Отварање на Фестивалот

ПРВ БЛОК
10.10- 11:30

„Лукомир, мој дом“
Манца Филак и Жига Горишек, Словенија
62 мин.

Етнографски филм сниман од април 2014-мај 2017, кој го претставува секојдневниот живот на еден пар во село на падините на планината Белашница во Босна. Авторите живееле со Исмет и Тиџа во различни период и годишни времиња и ги придружувале своите соговорници додека тие ги изведувале секојдневните работи. Лукомир е едно од малкуте села на Белашница кое не било уништено во текот на Југословенските војни од 1990-тите, па оттаму ја има сочувано својата традиционална архитектура и изглед.

„Да Хилсок Веден“
Хоуп Стрикленд, В. Британија
17 мин.

Шетланд е место на диви пејзажи, верувања во натприродното и звуци кои речиси и да не се промениле во споредба со далечното минато. Филмот го истражува раскажувањето приказни и социјалната имагинација на луѓето кои живеат тука. Народната приказна, Да Хилсок Веден, има безвременски квалитет: таа изникнала од историска траума и се пренесувала низ генерации женски гласови. Што значи да се биде жена оставена на брегот?

„Субјективното знаење на кругот“
Грета Ролеак и Александра Татиќ, Унгарија
8 мин.

Краток етнографски документарец кој го истражува женското сексуално задоволство, од перспектива на жени кои работат во секс индустријата во Будимпешта. Филмот е резултат на шестмесечно теренско истражување помеѓу сексуалните работнички, кое вклучувало серија интервјуа и фокус групи.
Сексуалната работа се поврзува со експлоатација, ропство и генерална виктимизација. Но има жени кои сакаат да влезат во оваа професија, и чии права ретко се земаат предвид. Неквалитетното законодавство во Унгарија поврзано со сексуалните работници спречува голем број жени да плаќаат даноци и да го регулираат својот бизнис, туркајќи ги кон „сивите“ зони.

„Не(миено)“
Роса Мунк Џеларди, Холандија/Грција
8:20 мин.

Следејќи мобилен сервис за перење во Атина, овој краток филм ја проучува контрадикторната, флуидна и контекстуална природа на нашите идеи за тоа што е „чисто“, а што „валкано“. Со фокус на вртењето и на пералната како главен лик, тој се занимава со сложените антрополошки концепти од секојдневниот живот, погледнато низ призмата на една мала хуманитарна иницијатива.

КАФЕ ПАУЗА
12.00 - 12:15

ВТОР БЛОК
12:15-14.00
„По молитвите“
Симон Местрони, Италија
62 мин.

Секојдневното насилство и повикот за молитви на муезинот го формираат текот на животот во индиски Кашмир. Од трауматските спомени за погребот на еден герилец, до денешните анти-индиски улични буни, судбините на луѓето изгледа како да се поместени помеѓу надежта и лутината, љубовта и тагата, поетичноста и бруталноста.
Речиси 30 години се поминати од почетокот на вооружениот судир и, и покрај широко распространетата фрустрација, контроверзниот сон за независноста на Кашмир, заедно со кошмарот на конфликтот, се се уште живи.

„Лазарице“
Бојан Петковски, С. Македонија
13 мин

Oвој видео материјал нè носи во етничкиот предел Долни Полог, задржувајќи се на обредите поврзани со празникот Лазарова сабота и нивната практика во минатото. Реконструкцијата дава приказ на лазарските обредни поворки изведувани од страна на млади немажени девојки кои, одејќи од куќа на куќа, пеат наменски песни за секој член од семејството. Дополнително, екранизирани се и останатите делови од традиционалната култура, а се однесуваат на традиционалната носија, ора, инструменти и на дијалектот. Во селата во етничкиот предел Долни Полог лазариците и денес се дел од живата обредно - пеачка традиција, но во рудиментирана форма.

„Мејлови до мојата мала сестричка“
Соломон Неконен, Германија/Етиопија
35 мин.

Oвој антрополошки филм е создаден како дел од магистерска теза, кои се однесува на феноменологијата на тоа да се биде црн во Берлин. Сепак, филмот се одвива во Етиопија, каде станувањето „црн“ на братот се одразува на разговорите по електронска пошта со сестра му.

КАФЕ ПАУЗА
14-14:30

ТРЕТ БЛОК
„Зикр-дервишкиот обред во Скопје“
Виктор Трајановски, С. Македонија
33 мин

Во овој филм е прикажан верскиот обред зикр во Скопје, кој го изведуваат припадници на неколку дервишки редови, како што се: кадири, рифаи, сади и халвети-карабаши кои припаѓаат на езотеричната страна на исламот, т.н. суфизам.
Во овој филм гледачите ќе имаат можност да проследат како се одвива обредот - зикр, каде што при состојба на транс, верниците се прободуваат со разни остри предмети во различни делови од сопственото тело, на тој начин потврдувајќи ја целта на обредот, а тоа е дека извршиле соединување со Аллах. т.е. со Бог.

„Кориенте Дел Сур“
Догмита Филмс, Мексико
20 мин

Филмот ја прикажува руралната реалност на регион за кој малку се зборува во Мексико, освен поврзано со насилните конфликти кои се случуваат тука. Преку моќта на сликите и на зборовите, жителите на населените места на реката Балсас, една од најзначајните во земјата, ги изразуваат своите светогледи. Притоа, недостатокот, сиромаштијата, уништувањето на ресурсите, се доминантни теми. Сепак, и покрај ова локалците се обидуваат да живеат достоинствени животи, и да го сочуваат од заборав традиционалното знаење.

„Каирн Г“
Мајкл Холи, Ирска
10 мин

Овој краток филм, кој може да се прикажува и како видео-инсталација, е направен во стилот на сетилната етнографија, и прикажува човечка интеракција со неолитско наоѓалиште во северо-западна Ирска, при летната рамнодневница од 2019.

„Надежта е патување“
Мичел Вилсон, В. Британија
10 мин

Филмот го прикажува животот на Тај Џефрис, пејач и текстописец кој се опишува себеси како интровертен екстроверт. Прв пат настапил во 2010 како Мис Хоуп Спрингс, лик кој игра двојна улога, и како маска зад која Тај може да се скрие, но и како симбол на надеж, отскочна штица од која тој постепено има добиено самодоверба да излезе на сцената онаков каков што. Филмот го регистрира тој посебен момент во животот на Тај, кој разбирливо е придружен од емотивни монолози за неговите стравови, сомнежи и најмрачни моменти.

Разговор со авторот (15 мин)

ЧЕТВРТ БЛОК
16:00-17:00
Филмови од летната Школа за визуелна антропологија од Белград (Србија)

„Кралица на берберите“ (7 мин.)
Филмско искуство кое ја води публиката во хиперсензитивниот свет на различните деликатни промена на сепствата, интимни приказни на пет различни лица кои минуваат низ визуелни трансформации. Не станува збор само за едноставни активности на ставање шминка или шишање коса, туку за начините на кои флуктуира модерниот идентитет.

„Блок 23“ (9 мин.)
Овој филм ги собира личните приказни на станарите на Блок 23, блиску преплетени со просторот околу самиот блок. Како приказните и сеќавањата на луѓето постојат во овој простор, и како луѓето го обликуваат блокот?

„Патување со Миго“ (8 мин.)
Миго, успешен адвокат и уметник, нè води на надреално патување низ својата уметност и живот во Белград.

„Багаж“ (8 мин.)
Во филмот неколкумина патници кои се собрани на заедничка работилница во хостел, споделуваата со нас што сè носат со себе за десет дена пат. Но багажот повеќе кажува од зборовите за своите сопственици.

„Не е култ“ (13 мин.)
Истражување на заедницата „Зелено студио“, мал хостел во Белград. Покажува луѓе кои живеат заедно и создаваат семеен простор, и солидарноста со сите, со пријатели и со гости. Ја следиме Тамара, која го води хостелот, и тоа ни дава увид во животот на оваа заедница која на своите станари и посетители им дава „слободен простор“ каде тие можат да припаѓаат.

„Ова не е зад-сцената“ (15 мин.)
Овој филм го истражува реторичкиот процес на создавање на антрополошки филм и ги следи групите кои вршат истражувања во хостел во центарот на градот и во Блокот 23. Ги следиме во миговите кога соработуваат, снимаат и размислуваат за своето истражување, а попатно го и пристапот на самите антрополози додека ги истражуваат останатите групи луѓе.

„Зошто?“ (12 мин.)
На 24 април 1999 зградата на РТ Србија во Белград беше бомбардирана од страна на НАТО пактот. Дејството на овој филм се слушува на рушевините на зградата на телевизиската и радио-станицата веднаш крај паркот Ташмајдан, каде паднала бомбата. Покрај овие остатоци се наоѓа меморијална плоча со прашањето „Зошто?“ и имињата на луѓето кои погинале. Авторите на филмот минале три дена во паркот близу споменикот и остатоците на зградата и на минувачите им поставувале едноставно прашање - зошто?

3 октомври 2019 - 08:49