Александар Русјаков: Есенин без ритам во стиховите

Избор песни објавeни на Фејсбук профилот на Русјаков, среде снежна зима. За да стоплат, како варено вино.

ДЕЛФИН

Дали знаеш дека на очните капаци ти ја пишува љубовта?
Прстите твои ми се сплеткале во косата, плетат бакнежи од минати животи, плетенки полни среќни завршетоци.
Ти го крадам здивот, ја голтам секоја твоја воздишка сон, за да научам како да ги лекувам кошмарите.
Дури спиеш, ти раскажуваш соништа, во нив ме спасуваш од погибијата на сите смислени неверства.
Јас, давеник, во нив се гушам, ти се претвораш во делфин за да ме донесеш до пристаништето на среќата.

ЦЕЛИНА

Седна до мене облечена во зима, со миризлива пролет на прекрстените колена и разголено лето во очите.
Под нас ја пославме есента, мека златножолта постела.
Среде нашите усни експлодира светлината од свеќата.
Ги допирам градите на небото, папокот на месечината, среде колковите на темницата,
го цртам млечниот пат до океанот на зеницата.
Воздивна постоењето, се соблече фантазијата.
Ме зајава возбудената насмевка, над мене два огна цртаат руменило врз натопените образи.
Галопирам низ страста на врелите слабини.
На ребрата, дланки ми оставаат траги љубов, езера во кои се огледуваат проѕирните очи на самовилата.
В раце имам гради, две полни месечини.
Ја зграпчив за реп вселената. Врз нејзиниот совршен грб тетовирам соѕвездија.
Тие колена се планини, растат околу мојата половина.
Ветерот ѕирка во собата за да го чуе крикот на страста, заедничкиот трепет среде кој свршува љубовта.

РАДОСТ

Утрово ги собрав в дланки прамените сонце од прозорецот.
Со нив ги измив изгребаните образи од страстите на ноќта.
Земи здив, отвори ги кепенците на душата, исфрли ги отровите...
валканите фантазии како алишта пружени низ соништата.
Првата цигара секогаш се пали од сонцето.
Косата ја чешлам медитирачки, сакам времето да го заробам во неа.
Да го истресам насобраниот гнев што ми ја валка белината.
Првото кафе се црпи од талогот на тишината.
Опашан со радост, денот ме пречекува,
јас сум патник што секогаш ги заборава куферите полни грижи и сиромаштија.
Првата насмевка се упатува на смртта што секогаш крај мене денот го зачекорува.

ЗАТВОР

Пред мене празнотија.
Во неа ја откривам сета своја суштина.
Оттаму крадам недостижна далечина.
Врзувам оган, студ, тага и страданија.
И ги праќам во твојата тишина.
За да ја најдеш меѓу редови љубовта.
Некои тоа го нарекуваат инспирација,
За мене е само бегство од затворот на креативноста.

РИТАМ

Звук на хармоника, разиграни потпетици го касапат подот.
Тече вино по голи слабини. Капат лиги низ колкови.
Зинале машки вилици, секој сака парче страст од танцот што пред нив се соблекува.
Надвор снегот крцка под пијаните колена. Вие кучка на силуваната месечнина.
Тажи по родот, коренот што и го пресекоа.
Зима студена како главоболка.
Зима долга како несоница.
Зима бела и сонлива како пијана самотија.
Зимата ми се сокри во локни, како мирис на блудница заглавен во мечтите.
Мечтаам бреза со корен во облаците.
Јас сум Есенин без ритам во стиховите.

Александар Русјаков

18 февруари 2021 - 11:41