Славниот драмски писател, марксист, комунист но над сè хуманист, верувал дека уметноста треба да биде практична алатка за изразување на отпор кон закостените општествено-историски структури. Притоа за него било побитно публиката да се натера да мисли, отколку да чувствува, а посебно не да паѓа во љубовен занес.
И покрај тоа што е најпознат по неговите ангажирани драми, како „Баал", „Просјачка опера" или „Мајка храброст", тој е автор и на околу 2000 песни, од кои голем број се токму со ваква, романтично-еротска содржина. Деновиве излезе од печат книгата „Љубовни песни" која вклучува само мал дел од нив, преведени од германски на англиски од Дејвид Константин и Том Кун. Таа е сепак само тизер за големата збирка која ќе ги опфати сите вакви песни од 1918-1955.
Предговорот е на Барбара Брехт-Шал, негова ќерка и последно од неговите четири деца кое е се уште живо. Песните според неа се посветени на повеќе жени, кон кои Брехт имал генерална слабост. „Папа ги сакаше жените, многу жени", пишува таа, што според неа било чудно бидејќи тој бил познат по тоа што ретко се бањал и носел долга долна облека долго време откако таа излегла од мода (плус според фотографиите не бил баш Рајан Гослинг). Но мешавината на талент и страст која тој ја имал кон животот сигурно им делувала афродизијастично.
Ако неговите драми ја предизвикуваа политичката елита, неговите љубовни песни го провоцираат лажниот морал, претворајќи го и креветот (или улицата, сауната..) во театарска сцена, на која се одвива вистинска интимна драма. „Не знаете како страдам/кога ќе видам жена која/си го клати нејзиниот задник обвиткан во жолта свила/под вечерно модрото небо". Сепак, ова не е ништо во споредба со други песни кои звучат како излезени од кај Маркиз де Сад: „Лажи ја дека никој нема поголем к*р/И кога ќе седите заедно биди итар/Држи си го цврсто секирчето, ако не сакаш некој друг кретен/да ѝ стави перниче под дундата".
За некои од песните се претпоставува дека се однесуваат на неговата долгогодишна соработничка и актерка Хелен Вајгел, која на крај му станала и жена. Но друга голема љубов на писателот била и Маргарет Стефин, која глумела во неговата претстава „Мајка" а потоа му куцала текстови, преведувала и му ги лекторирала, па Брехт ја нарекол „мојата мала учителка". Но таа страдала од туберклоза, и иако Брехт постојано ѝ плаќал третмани во санаториуми и ја селел секаде кадешто одел и самиот со семејството, таа починала во 1941. Истите преведувачи на неговата љубовна поезија ова лето ја објавија и збирката нивни писма, како и песни кои му ги пишувала Стефин.
Некои од оние вклучени во новообјавената збирка можете да ги видите тука. Страста која извира од песните е истата онаа која го терала Брехт да ја одржува надежта и вербата и во најлошите времиња.