Кaко голем број руски интелектуалци и уметници, и Игор Фјодорович Стравински по Првата светска војна и Октомвриската револуција од 1917 морал да ја напушти татковината, најпрвин за Швајцарија, потоа за Франција, за во 1945 тој и неговата сопруга да станат граѓани на САД. Некое време одржувал круг на пријатели и мигранти од Русија, но откако го поднаучил јазикот се зближил со британски писатели, кои го посетувале во куќата во Беверли Хилс. Тие споделувале заеднички мерак за тешки алкохоли, особено Олдос Хаксли, кој со Стравински зборувал на француски.
Всушност токму тој ги запознал Стравински и Винстон Хју Одeн во 1947, откако композиторот му побарал човек за пишување либрето за опера инспирирана од осум графики на британскиот сликар и сатиричар од 18 век, Вилијам Хогарт, под името „Животот на развратникот“. Сликите, а и либретото, се однесуваат на подемот и падот на Том Рејквел (игра на зборови, „рејк“ како неморален човек, развратник), наследник на богат трговец, кој доаѓа во Лондон, ги губи сите пари на проституција и коцка, и како последица на тоа најпрвин е уапсен а потоа затворен во психијатриска болница. Оваа серија од осум слики се опишува како претходник на „сторибордот“ односно на стриповското прикажување филмски сцени.
Одeн бил превозбуден што ќе го запознае композиторот кому му се восхитувал уште од тинејџерски години. Истовремено ја сакал операта, која ја нарекувал „последното засолниште на Високиот стил“, жанр кој според него овозможувал голема слобода на имагинацијата на поетот. Живеел една недела кај Стравински за да работат на текстот, при што најголемите проблеми биле што гостинот се шетал по пижами, и по кажување на слугинката, никогаш не го допрел сапунот и крпите во својата бања. Поетот пак бил навикнат само на домашна мачка и неподготвен за дури 40 гласни папагали и птици. Како што напредувало пишувањето, така се засилувало и нивното пријателство, за по некое време Одн за Игор и Вера да почне да зборува како за „Стравите“.
Во пишувањето на либретото на Одн му помагал Честер Калман, поет, преведувач и негов љубовник, со кого ќе напишат уште неколку либрета, а и ќе ги преведат оние за Моцартовата „Волшебната флејта“ и Вердиевиот „Фалстаф“. Тие главно се држеле до идејата на серијата графики, со тоа што вметнале женски лик, Ан Трулав, единствената којашто вистински го сака Том кој ја напушта во име на развратниот живот, како и фаустовскиот карактер на Ник Шедоу. Поуката на приказната е: „Ѓаволот им наоѓа занимација на безработните срца и раце“. Одн уште еднаш ќе соработува со Стравински, на „Елегијата за Џ. Ф. Кенеди“, за којашто ги напишал стиховите во 1964.
За ваквите креативни пријателства и размени во 1964 Оден напишал: „Соработките ми имаат донесено поголема еротска радост отколку какви и да е сексуални врски што сум ги имал“.