Вежбата се вика „Кафе емпатија“ и вклучува волонтери кои се пријавени да учествуваат на виртуелен форум. Правилата се следни: секој од учесниците има право да зборува 4 минути. Кога ќе заврши, друг од групата одбран како „рефлектор“ треба да ги сумира неговите зборови и мислења, најдобро што може, без оглед дали се согласува со нив или не. Настанот е раководен од „тренер за емпатија“, кој вели дека ова е можност барем малку да се намали идеолошкиот јаз во САД, поттикнувајќи ја разбирачката за ставовите на другиот.
Емпатијата често се дефинира како капацитет на разбирање на нечие мислење или чувство. Таа е различна од сочувството, кое може да вклучува сожалување или милосрдието кое вклучува активна желба да се намали нечие страдање.
Бидејќи емпатијата им дозволува на луѓето да се поврзат, таа ја поставува основата за соработка и грижа, што пак им овозможува на хетерогените општества да одат напред. Повисоките нивоа на емпатија се поврзани и со повисока благосостојба на поединецот, но и со поширока социјална кохезија.
Истражувањето на емпатијата во САД покажува дека самопроценетите нивоа помеѓу 1979 и 2009 се во постојано опаѓање. Испитаниците сè помалку се согласувале со изјави како „Понекогаш се обидувам да ги разберам моите пријатели подобро со тоа што замислувам како изгледаат нештата од нивна перспектива“.
Продолжението на истата студија која го зела предвид и периодот до 2018 покажува мало покачување на подготвеноста кај младите да ги земат предвид туѓите гледишта и да ги разберат нивните чувства. Но има елементи кои се уште го оптоваруваат овој процес. Едниот е генералната поларизација, што значи дека луѓето го гледаат светот на фундаментално различни начини и си веруваат сè помалку. Истовремено, тие не се подготвени да го вложат менталниот напор за разбирање на другиот. Во меѓувреме, растат стапките на осаменост, разочараност и депресија.
Она што е важно да се разбере е дека емпатијата не е нешто што или го имаш или го немаш, туку таа, како било која вештина, се вежба. На невролошко ниво, кога истражувачите поттикнуваат емпатија со тоа што на луѓе им прикажуваат видео со ситуација низ којашто поминува некој, се активира серија меѓусебно поврзани мозочни региони. Ваквата способност ни е вградена, бидејќи помага да се градат силни социјални врски, кои пак го промовираат опстанокот. Но таа сепак не е „автоматска“, туку сложена операција за мозокот, бидејќи подразбира софистицирана проценка на тоа што можеби мисли или чувствува другиот. Притоа, интересно е дека фокусирањето на сопствената мака подразбира помала активност на емпатија кон другите (односно како да не можат двете да се одвиваат паралелно, со ист интензитет).
Она што е поважно е дека нашата емпатија зависи од реакцијата на околината. Истражувањата го покажале очигледното - дека ако луѓето се разбрани или барем слушнати, тие се чувствуваат побезбедно, а тоа им овозможува да не бидат постојано во висока напнатост, мислејќи на себеси, туку да обрнат внимание на она што го зборуваат другите. Ова значи дека емпатијата е „заразна“ - ако некој ја покаже кон мене, поверојатно е дека и јас ќе бидам подготвен да вложам емоционални ресурси и време за да бидам емпатичен кон друг, со други зборови ќе верувам дека емпатијата „се исплати“.