Eлиф Шафак ѝ се придружува на „Идната библиотека“

Во 2014 пишувавме за почеток на необичен проект - собирање 100 специјално напишани дела (едно годишно) и нивно објавување во 2114 година. Првата одбрана авторка беше Маргарет Атвуд. Сега се обелодени и четвртата, познатата турска писателка Елиф Шафак.

По Маргарет Атвуд, Дејвид Мичел (авторот на „Атлас на облаците“) и Сјон (исландски поет и романсиер), Шафак е четвртата чие специјално напишано дело ќе биде отпечатено по 97 години. Тогаш дрвјата насадени за оваа цел во шумата близу Осло, кои пред три години таму ги постави шкотската уметница Кејти Патерсон, ќе бидат доволно пораснати за да бидат исечени и од нив да се направи хартијата на која ќе бидат отпечатени делата кои сега се во ракопис. До тогаш тие ќе бидат чувани во сеф, и никој нема да знае што се работи во нив.

Шафак, авторка на неколку романи вклуително „Копилето од Истанбул“, „Четириесетте правила на љубовта“ и најновиот „Трите ќерки на Ева“, пред неколку дена беше прогласена за следен учесник во Идната библиотека. Според зборовите на Патерсон таа е одбрана заради тоа што „нејзиното дело ги надминува културните, географските, политичките, идеолошките, религиозните и духовните граници и промовира разновидност на гласови. Затоа што нејзиното раскажување е магично и длабоко, и создава врска помеѓу луѓе и места: сигнал на надеж во време на поделби“.

Шафак изјавила дека ѝ претставува чест што им се придружува на нејзините претходни колеги. Истовремено, го поздравила меѓународниот карактер на проектот, кој според неа се води многу промислено, но и со многу срце и верба. Таа се уште нема прецизна идеја што ќе пишува, но најверојатно ќе биде спој на фикција и документарност, нешто што ги отсликува грижите на нашите „флуидни времиња“. „Пишуваш за луѓе кои никогаш нема да ги сретнеш, но истовремено и за себе, така што ова е многу интимен проект. Не мислиш за реакцијата, туку пишуваш само затоа што веруваш во она што го правиш“, изјавила таа.

Шафак ќе го достави ракописот во шумата на церемонија во јуни 2018. Тој ќе се чува во прпосторија во јавна библиотека во Осло која ќе се отвори во 2019, во тајност, до објавувањето во 2114.

Претходно: Трендот на создавање уметност која ќе се обелодени по еден век (Џон Малкович/Родригез)

30 октомври 2017 - 08:39