Експлозија од ноти - кога композиторите биле и хемичари и инженери

Некои од големите композитори не ја насочиле својата креативност само кон музиката. Од Бетовен и неговите експерименти со пренос на звукот, преку Бородин како сериозен хемичар, до Хофман со повеќе од 70 патенти и Дафне Орам со машина што ги претворала цртежите во звук – нивната љубопитност понекогаш ги носела директно во светот на науката.

Композиторите по дефиниција се луѓе кои создаваат нешто што претходно не постоело, па можеби и не е толку чудно што кај некои од нив музичката креативност се прелеала во сосема практични области. Некои биле аматери-експериментатори, други сериозни научници, а трети едноставно имале љубопитност кон механизмите и технологијата. Нивните приказни покажуваат колку тенка може да биде границата меѓу уметничката имагинација и изумителството

Губењето на слухот на Лудвиг ван Бетовен е еден од најпознатите делови од неговата биографија. Но токму поради глувоста, тој се нашол во ситуација да експериментира со начини на кои звукот би можел да стигне до него. Неговиот пријател Јохан Непомук Мелцел, познат и како пронаоѓачот на метрономот, му изработувал различни слушни помагала – цевки што го насочувале звукот кон увото.

Постои и познато сведоштво според кое Бетовен можел да го почувствува звукот преку вибрации. Наводно ставал дрвено стапче во устата и го допирал другиот крај до клавирот, така што вибрациите преку коските стигнувале до внатрешното уво. Денес овој принцип е познат како коскена спроводливост и се користи во современи слушни апарати и слушалки. Не е сосема јасно дали Бетовен го познавал научното објаснување на овој феномен или до техниката дошол самостојно, но неговиот случај е необичен пример за тоа како личната потреба може да поттикне техничко размислување.

Александар Бородин денес го знаеме по неговата музика, но неговата професија всушност била хемичар и лекар. Тој бил професор по хемија на Медицинско-хируршката академија во Санкт Петербург и сериозно се занимавал со научни истражувања. Во 1869 година независно од францускиот хемичар Шарл-Адолф Вурц го открил процесот познат како „алдолна реакција“ (поедноставено, кога од две мали органски молекули се создава една поголема), важен за органската хемија. Неговите истражувања подоцна биле поврзани и со реакцијата позната како Хунсдикер-Бородинова реакција.

Англискиот композитор Едвард Елгар, за разлика од Бородин, не бил професионален научник, но бил страстен аматер-хемичар. Во својот дом прво имал лабораторија во подрумот, а подоцна експериментирал во преуредената шупа која ја нарекол „Арката“. Таму мешал разни супстанции, правел сапун и се обидувал да решава хемиски проблеми помеѓу пишувањето музика. Не сите експерименти биле безопасни: еднаш неговата фосфорна смеса предизвикала експлозија и го уништила садот за вода.

Но Елгар сепак успеал да направи нешто навистина функционално. Конструирал уред за производство на водород сулфид, кој бил патентиран и кратко време дури и произведуван како „Апаратот на Елгар“. Самиот композитор, сепак, повеќе се шегувал со својот изум отколку што се фалел со него.

Една од најнеобичните приказни е онаа на американскиот авангарден композитор Џорџ Антајл и холивудската актерка Хеди Ламар. Во текот на Втората светска војна двајцата работеле на идеја за систем што би овозможил радионасочувано торпедо да ја менува фреквенцијата на сигналот и така да биде многу потешко за непријателот да го попречи или пресретне. Антајл тука имал неочекувана предност: претходно го компонирал Ballet mécanique, дело за 16 синхронизирани пијана. Искуството со синхронизација и механизми слични на пијано-ролни му помогнало во развојот на системот за прескокнување меѓу различни радио-фреквенции.

Во 1942 година добиле патент. Технологијата подоцна била употребена во воените комуникации, а денес често се наведува како еден од далечните претходници на технологиите со кои функционираат ви-фи, блутут и џипиес (за ова види претходно во: Како Хеди Ламар придонела за пронаоѓањето на бежичниот интернет)

Сергеј Рахмањинов не бил пронаоѓач, но неговата љубопитност кон брзите машини го однела во светот на авијацијата. По заминувањето од Русија, тој живеел во САД и заработувал огромни суми како пијанист. Таму се спријателил со својот сонародник Игор Сикорски, пионер во авијацијата, чија мала компанија на Лонг Ајленд се борела да преживее. Во 1923 година Рахмањинов го посетил Сикорски и, откако ги видел неговите авиони, му рекол дека верува во него и во неговиот проект. Потоа му напишал чек од 5.000 долари, огромна сума за тоа време, со зборовите дека Сикорски може да му ги врати парите кога ќе може.

Помошта била пресудна. Рахмањинов станал прв потпретседател на компанијата, а Сикорски шест години подоцна му го вратил заемот со камата.

На крајот од оваа необична листа се наоѓа и Морис Равел, иако во неговиот случај иноваторот бил неговиот татко, Пјер-Жозеф Равел, инженер и пронаоѓач. Тој конструирал машина за производство на хартиени кеси, систем со вештачка водена струја за тренинг на пливачи, а бил фасциниран и од моторите. Во 1868 година дури предложил концепт за автомобил придвижуван со пареа и загреван со масло.

Но еден негов изум имал трагичен крај. Заедно со својот син Едуар го создале спектаклот наречен „Виорот на смртта“ – автомобил кој требало да изведува салто десет метри над земјата. Атракцијата првично била голем успех, но при една изведба во 1905 година автомобилот се урнал, а возачката Марсел Рандал починала од повредите.

Равел веројатно не го наследил директно инженерскиот талент на татко му, но тешко е да не се забележи дека во неговата музика постои фасцинација со механичкото повторување – особено во „Болеро“. Дали таткото навистина влијаел врз музичкиот јазик на синот е невозможно да се докаже, но убаво е да се замисли дека во семејството на Равел машините и музиката никогаш не биле сосема одвоени светови.

2 септември 2026 - 10:15