
I hurt myself today
To see if I still feel
I focus on the pain
The only thing that's real
(Hurt)
Стиховите од песната на Трент Резнор од албумот на „Најн инч нејлс“, со симболично име „Надолна спирала“, која всушност ја знаеме во антологиската преработка на Џони Кеш, не зборува за колективна траума, туку најверојатно за самоповредување и хероинска зависност. Некои ја толкуваат и како самоубиствена порака, напишана во момент кога ликот веќе не може да го почувствува дури и она единственото што е реално - болката.
Ваквото чувство може да се појави и на колективно ниво после доживеана траума, или во нашиот случај, после низа доживеани трауми. На најбазично биолошко ниво тоа поттикнува централниот нервен систем да реагира со пораки „бори се, бегај или замрзни се“, испуштајќи стрес хормони како одговор на заканата.
Но кога станува збор за социјалната реакција, таа главно се одвива во пет фази:
- Фаза на директен удар, односно самиот трауматичен настан. Се карактеризира со палета емоции, од кои најчести се шок, паника, конфузија, неверување;
- „Херојска“ фаза. Се карактеризира со алтруизам кој поттикнува динамична активност, но ниска продуктивност и ограничена можност за согледување на ризиците;
- „Меден месец“. Колективен сентимент на заедништво, можен оптимизам и вмрежување;
- Фаза на губење на илузиите. Кога ќе се разберат ограничувањата на заедничките напори следи обесхрабрување, чувство на напуштеност, физичка истоштеност, можна зависност од лекови и алкохол; и
- Фаза на реконструкција. Се карактеризира со чувство на исцелување, прилагодување и одново градење на она што е уништено
Притоа, не постои типично времетраење на секоја од фазите или на целиот процес, а можно е и нивно преклопување.
Кога доминантниот одговор на колективната траума е тага и плач комбинирани со лутина, тогаш тоа делува нормално. Но и реакциите кои изгледаат навидум студено и неемпатично треба да се разберат. Дисоцијацијата од грдата реалност е еден од начините за когнитивен „шат даун“, во моменти кога менталните и психолошките ресурси не се доволни за излегување на крај со ситуацијата. Организмот како да се става на пауза, давајќи си време да го асимилира напливот на ужасни информации, слики и искуства.
Оние кои добронамерно советуваат трпение мислат токму на ова - давање време за нештата да слегнат и да можат рационално да се третираат. Но ваквите повици кои вообичаено доаѓаат во првата фаза можат и да се разберат како „саботерски“, особено ако доаѓаат од актери на кои им одговара макар и нерационалната лутина да спласне, да помине првиот бран на барање одговорност и притисок врз институциите, доколку се работи за трагедија предизвикана од човечки фактор. Оваа „Квака 22“ е тешко да се менаџира без придржување до некаков протокол и искусна психолошка поддршка - истовремено да се остане со студена глава и доследен на борбата за правда.
Се обидуваме да се потсетиме дали во низата трауматични настани во последниве години нешто било заокружено со последната фаза. Дали нешто било реконструирано, реституирано, така за да може да кажеме дека сме подготвени макар и со благ пост-трауматски синдром да тргнеме кон исцелување на колективното ткиво? Како единствениот „протокол“ да е потиснувањето и заборавот. Анестезија на она едното, единственото што е реално.
Илина, Букбокс