Јазикот е генерално рефлексија на светогледот, но оној кој се зборува на Андаманските острови (архипелаг во северо-источен Индиски океан), помеѓу тамошното домородно население, е необичен по својот антропоцентризам.
Имено, тој користи категории изведени од човечкото тело за да опише апстрактни концепти како просторна ориентација и врски помеѓу предметите. Секако, и на македонски може да кажеме „тој се соочи со својата судбина“ (ја погледна во метафоричните очи) или „ногарката на столицата се скрши“ (како таа навистина да има нозе). Но на андамански јазик ваквите описи добиваат екстремен облик, со тоа што морфемите односно звучните сегменти кои имаат некакво значење, а кои се врзани за различни делови од телото, се припојуваат на именки, глаголи, придавки и прилози, давајќи им различно значење.
Бидејќи ниту еден друг познат јазик нема граматика базирана на човечкото тело и не споделува тн. когнати - група зборови во различни јазици кои се наследени од заеднички етимолошки предок, андаманскиот (или Големиот андамански како што уште се нарекува) е јазик кој всушност претставува јазично семејство самото по себе.
Најтрајниот аспект на јазикот е неговата структура, која може да се одржува со милениуми. Бидејќи Андаманците биле изолирани илјадници години, тоа бил период во кој нивните јазици еволуирале без влијание од други култури. Генетските истражувања го поддржуваат ова гледиште, покажувајќи дека домородците се наследници од оние први групи кои тука дошле од Африка, пред околу 50.000 години. Суштинските принципи на нивните јазици покажуваат дека овие рани луѓе го конципирале светот со помош на она што најдобро го познавале - своите тела.
Лексиката и тогаш а и сега се состои од две класи зборови: слободни и врзани. Слободните се именки кои се однесуваат на околината и нејзините жители, како на пример „ра“ за прасе. Врзаните зборови можат да се именки, глаголи, придавки и прилози кои секогаш вклучуваат маркери кои укажуваат на врска со други предмети, настани или состојби. Маркерите (главно префикси) се всушност ознаки на седумте зони на телото, кои поврзани со коренскиот збор опишуваат концепти како „внатре“, „надвор“, „горе“ или „ниско“. На пример, морфемата ер- која опишува речиси сè што има врска со горниот дел од телото може да се врзе со -чо и да се добие ерчо, со значење глава. Така, прасечка глава би била раерчо. E сега, ако главата на прасето е исечена за печење, маркерот т- за нежив предмет ќе биде присоединет со ер и ќе даде ратерчо; можеби не е веќе жива, но сепак е прасечка глава.
Вакви додавки поврзани со седумте телесни зони се карактеристични и за глаголите. Адаманците немаат зборови за земјоделие но затоа имаат голем број за лов и риболов, главно со лак и стрела. Оттаму, основниот збор „шиле“ со значење „нишани“ има неколку верзии: утшиле (нишанење од горе), арашиле (нишанење од далечина) и ешиле (стрелање кон срцето, односно кон внатрешните органи).
Во горната табела се прикажани специфичните префикси за зоните и начинот на кои тие ги формираат именките, придавките, глаголите и прилозите. На пример зона 1 е означена со а-, поврзана е со устата и потеклото, па оттаму афуп е плунка, аму е нем, аатитул е тивок, а аулу е нешто што претходи (веројатно по логиката дека зборот кој доаѓа од устата претходи на сè, како во ’На почетокот беше зборот’).
Од околу 7000 јазици кои се зборуваат денес, половина ќе згаснат до крајот на овој век. Опстанокот во ерата на глобализацијата ги тера домородните заедници да ги заменат своите традиционални начини на живот и јазиците со оние на доминантното општество. Со секој загубен јазик губиме огромно знаење за човечкото искуство, перцепцијата, природата и опстанокот. Со оглед на тоа што Големиот андамански е во групата загрозени јазици, можеби набргу ќе исчезне и овој неверојатно „телесен“ начин на конципирање на реалноста.