Се смета дека е единствениот колекционер на постери преку кои се бараат загубени или украдени миленици во светот. Роден како Џими Мајкл Џорсети, Дон Болс е некогашен тапанар во панк бенд од Лос Анѓелес. Тој во 1978 се преселил од Холивудскиот булевар во приградска населба во западен Холивуд, кадешто почнал да забележува постери на бандерите и на дрвјата. Бил трогнат од „наивата“ на овие уметнички дела, кои во тоа време, пред компјутерите, биле цртани со (често пати несигурна, детска) рака, и содржеле поетични повици полни тага и надеж. Признава дека било „морално сомнително“ што почнал да ги откачува постерите, но денес поседува доволно примероци за да отвори една мала галерија на дела од ваков жанр. Најстарите биле нацртани пред речиси половина век.
Тој ги споредува постерите со „блуграс“ музиката - вид „народна“ американска уметност. Еден од омилените постери е на куче кое е нацртано со растреперени линии околу нозете и главата, како да се тресе. „Таа е мал, црн и многу срамежлив териер мешанец“ - пишува сопственикот.
Постерите се најчесто во обичен, А4 формат, на нив нема фотографии како на денешните и понудите се великодушни, иако не секогаш во пари. На еден од нив сопственикот нуди нов велосипед за маалските деца кои би му дале каква и да е информација за украденото куче. На друг пишува: „На Валентајн си ја загубив љубовта“, при што се мисли на кученцето.
Има и постери куцани на машина, како еден кој моли за помош за пронаоѓање не еден, туку дури три миленици. Човек се прашува што се случило и развива цел расказ во глава, и за животните и за луѓето во него. Често пати постерите наведуваат потреби на миленикот, тоа дека му се потребни лекарства или дека „не сака деца и ќе каса“. Паричните награди варираат од 30-500 долари.
Главни се кучињата и мачките, но Дон понекогаш наоѓал и постери за папагали, зајачиња и за едно морско прасе. Тој се надева дека барем повеќето од луѓето си ги нашле милениците, а вели дека постерите во неговата збирка „ја изразуваат непретенциозната хуманост, која му недостасува на модерниот свет“.