Медалот на списанието Фотоплеј

Еден поинаков Оскар, пред Оскарите

И покрај нејзината популарност, престижната филмска награда не е за „народот“, туку за студијата и за оние ѕвезди кои знаат да ја играат играта. Има ли релевантна филмска награда за која одлучува публиката, а да има ваква тежина? Епа, имало.

Неколку години пред првата церемонија на доделување Оскари која се одржала во 1929, списанието Фотоплеј, едно од најраните и најуспешни изданија за филмски обожаватели, почнало да доделува нешто што се смета за прва голема награда во оваа област - Фотоплеј медал на честа. За добитниците одлучувале гласовите на посветената публика.

Во изданието од мај 1921, на цела страница, Фотоплеј го најавува изборот за таа година со зборовите:

„Војната ги има нејзините медали, изложбите нивните ленти, атлетичарот неговите ловори, книжевноста нејзината Нобелова награда. До сега немало посебно одбележување на индивидуалната исклучителност на полето на филмот".

Медалот на Фотоплеј требало да биде направен од злато од страна на компанијата Тифани, и да биде врачен само на продуцентот (не на режисерот или на дистрибутерот), чијашто „визија, верба и организација го овозможиле правењето на најдобриот филм“. На дното на страницата читателите добиле краток список на сугестии за најдобар филм за 1920, како и купон за испраќање на нивните гласови. Така е роден претходникот на Оскарот, награда која за разлика од оваа на Академијата, била толкувана како награда од и за народот.

Списанието било уредувано од Џејмс Р. Квирк, и во негово време, до 1932, тоа вклучувало детални портрети на гламурозни филмски ѕвезди, квалитетни рецензии, интервјуа, како и вакви и слични популистички акции, низ кои уредништвото им давало моќ на читателите да дефинираат што е „најдобро", откако претходно ги насочувале кон „вистинските" избори, како на пример со следниов совет:

„Одберете го вашиот омилен филм заради неговите квалитети поврзани со темата, режијата, дејството, континуитетот, сценографијата и фотографијата, затоа што тоа се квалитетите кои комбинирани ги прават исклучителните филмови".

Првата награда, доделена во 1920, отишла во рацете на Вилијам Рандолф Хрст, продуцентот на „Хумореска". Списанието ја сметало наградата како почест која придонесува кон напредокот, но не на филмската индустрија, туку на филмот како уметничка форма, поттикнувајќи здрав натпревар помеѓу продуцентите и сите филмаџии да произведат квалитетно дело.

Наградата на Академијата, востановена од шефот на MGM, Луис Б. Мајер, уште од почетокот била фокусирана на промоција на оние кои се внатре бизнисот, еден вид ПР на филмската индустрија, кој изобилувал со скандали. На втората церемонија, на пример, сите победници биле или во Одборот на судии или имале блиску врски со некои од нив. Сепак, подемот на Оскарите значел пад на значењето на Медалот на честа, против кого индустријата водела и отворени кампањи.

Страницата на Википедија за оваа награда вели дека освен кратките паузи за време на Втората светска војна, наградата била доделувана до 1968, но всушност тоа продолжило до затворањето на списанието во 1980. Со споредба на добитниците на Оскарите и на орденот по години разликата е очигледна - помеѓу филмовите се на пример „Валканите 12-мина" (Dirty Dozen) и „Бебето на Розмари" (Rosemary's Baby) кои Академијата никогаш не ги наградила. Истата година кога бил направен Бебето на Розмари Оскар добил извесен „Оливер!".

Кој е тој Оливер?

Егзактли.

Извор: Слејт

27 февруари 2016 - 10:47