Ричард Норис Вилијамс бил еден од ретките што имале среќа на „Титаник“, преживувајќи ја катастрофата што се случила ноќта помеѓу 14 и 15 април 1912. Но тој сепак не се чувствувал така. Татко му бил помеѓу погинатите, а докторот кој ги испитувал премрзнатите нозе на Ричард советувал ампутација.
Ова за 21-годишниот Вилијамс било рамно на уште една катастрофа. Тој веќе бил истакнат тенисер во родната Швајцарија, а во САД заминал по поголеми академски и спортски можности. Целта му била еден ден да игра на Олимпијада. Но во текот на таа ужасна ноќ, сите надежи како да му потонале заедно со бродот.
Прв тренер му бил токму татко му, Чарлс Вилијамс. Под негово водство, Ричард веќе имал освојувано куп јуниорски првенства. Тие заедно се качиле на Титаник во Шербург, Франција, на 10 април. Младиот Вилијамс бил на пат за Харвард, од каде претходно добил писмо дека е примен на студии.
Кога почнало тонењето, тој и татко му се покажале како вистински херои. Обајцата им ги понудиле своите елеци за спасување на други патници и им помагале да се качат во чамците за спасување. Кога веќе се немало каде, Ричард скокнал од бродот, сметајќи дека ќе издржи да плива додека дојде помош. Но татко му бил помеѓу 1500-те патници кои исчезнале - според сведоштва, најверојатно бил погоден од дел од бродот кој се скршил и починал на место.
Вилијамс отпливал до гумен чамец кој не бил ништо повеќе од обична платформа и се држел за него. Но кочан-студената вода си го сторила своето - поминал околу шест часа во водата со други патници кои се држеле на истиот чамец. Од 30 само 13 биле живи кога стигнала помошта.
Кога ја слушнал дијагнозата на докторот, Вилијамс се спротивставил. Не му дал дозвола за ампутација велејќи - „нозете ќе ми требаат“. Пешачел по бродот Карпатија кој спасил дел од патниците, секои два часа, дури и ноќе, и полека почнал да ги чувствува екстремитетите. За само 12 недели тенисот повторно изгледал достижен.
Неговите нозе никогаш не биле стопроцентно излечени, и тој подоцна велел дека тешко издржува долги мечеви. Сепак, во текот на следната деценија имал импресивна низа победи на американските национални шампионати, на Дејвис куп и на Вимблдон. Неговиот агресивен стил на играње често ги запрепастувал опонентите. Го нарекувале гениј, кој игра како да свири виолина - по чувство и со огромен талент.
Помеѓу 1912 и 1925 бил во топ 10-те тенисери, освен во тек на една година кога бил регрутиран во американската армија во текот на Првата светска војна.
Останала уште една цел - Олимпискиот медал.
Вилијамс ја претставувал Америка токму на Олимписките игри во Париз во 1924. Во поединечна конкуренција стигнал само до четвртфинале, иронично поради мала повреда на стапалото. Во двојки исто така не стигнал далеку. Но мешаните двојки биле поинаква приказна.
Тој се натпреварувал во тим со Хејзел Хочкис Вајтмен, која веќе имала златен медал. Во првата рунда противниците го предале мечот, потоа победиле во три до финалето, каде ги поразиле колегите-Американци Винсент Ричардс и Марион Џесуп за златото.
Подоцна Вилијамс ѝ оддавал признание на својата колешка која според него била заслужна за медалот, бидејќи тој во полуфиналето го повредил зглобот и сакал да се откаже. „Глупости“ - му рекла таа, потсетувајќи го низ што поминал за да стигне до тука.
Ова било врвот на неговата кариера, која продолжила уште една деценија. Потоа се пензионирал од спортот и работел како инвестициски банкар. Во своето портфолио како тенисер имал 162 трофеја, кои во староста ги истопил во само еден предмет во форма на послужавник, за спомен. Не се фалел со успесите, ниту пак многу зборувал за катастрофата на „Титаник“. Она што е интересно, е дека првиот кам-бек меч по катастрофата го играл со Карл Хауел Бер, кој исто така го преживеал потонувањето.