Џорџ Орвел: Јануари ни е пријател

Како и многумина од нас, Џорџ Орвел го доживувал јануари како месец што треба да се издржи, а не да се ужива. Лесно е да се замисли како се подготвува за студот, мракот, дождот, мразот и силниот ветер. Не само поради неговото кревко здравје, кое со години било нарушено од респираторни проблеми, туку и затоа што јануари кај луѓето често буди став на инает и отпор - дека ќе се истрае, до пролет. 

Во романот „Да не овене аспидистрата“ (Keep the Aspidistra Flying, 1936) на Џорџ Орвел, главниот лик Гордон Комсток се среќава со девојката Розмари под железнички сводови, во „одвратна јануарска ноќ“, со „гнасен ветер“ што завива по асфалтот и им фрла прашина и искинати хартија в лице.

Во „Животинска фарма“ (1945), „жестоко студеното време“ во јануари ја прави земјата „тврда како железо“ и им оневозможува на животните да работат на полињата.

Во „1984“ (1949), замислениот јануари е префрлен во други делови од календарот. Романот почнува со „светол, студен ден во април“, со ист „грозен ветер“ што крева прашина и остатоци од хартија. Оваа повторливост не е случајна – таа сведочи за длабокото и трајно влијание што јануари го имал врз Орвеловото размислување. Една од завршните сцени во книгата се одвива на „одвратен, продорен ден во март“, кога тревата изгледа мртва, а земјата повторно е „како железо“, исто како во „Животинска фарма“. Тоа се моменти по долги и сурови зими, и не е случајно што Винстон Смит ја поминува најтешката тортура во Министерството за љубов токму во таквите, најмрачни месеци од годината.

Пишувајќи за времето во весникот Ивнинг стандард во 1946 година, Орвел забележал дека јануари и февруари се особено тешки за поднесување – барем во постудените краишта. Тогаш домовите се кочан, а цевките често замрзнуваат и пукаат. Ако овие два месеца се отстранат од календарот, тврдел тој, Англичаните речиси и не би имале за што да се жалат кога станува збор за времето.

Сепак, тој знаел дека зимата е неопходна мака, од која зависи остатокот од годината. Вкусното овошје и зеленчукот имаат потреба од „со дожд натопена почва“ и бавно доаѓање на пролетта за да го развијат вкусот, исто како што обичните англиски цвеќиња – јаглики, ѕидни цветови и нарциси – напредуваат по мразот и студот. Без контрастот меѓу месеците, тие стануваат помалку значајни. И студените рани со измрзнати прсти имаат свое време, како што имаат и жештината и потта. Ни треба јануари за да уживаме во јули.

Во есејот „Неколку мисли за обичната жаба“ (1946), Орвел размислува за навидум „чудесното“ доаѓање на пролетта по пет исклучително сурови зими, дополнително отежнати од Втората светска војна. Тешко било да се поверува дека пролетта ќе дојде, исто како што било речиси невозможно да се замисли крајот на војната. Па сепак – војната завршила, а пролетта пристигнала. Но додека победник во војната можела да биде која и да е страна, пролетта не е толку непредвидлива. Вистинското чудо не е во тоа што таа носи топлина и надеж, туку во фактот дека природните ритми ја гарантираат нејзината појава. Предвидливата суровост на јануари е важна затоа што укажува на цикличната логика на годишните времиња.

Оваа постепена промена од јануари кон февруари, март и април, според Орвел, ја покажува и границата на авторитарната моќ. „Атомските бомби се трупаат во фабриките, полицијата патролира низ градовите, лагите се разлеваат од звучниците, но Земјата и понатаму кружи околу Сонцето, и ниту диктаторите ниту бирократите не можат да го спречат тоа.“

Да се чувствува студот е важно, бидејќи преку него ја согледуваме структурата на природата што е надвор од човечко влијание. Годишните времиња нè потсетуваат дека оние што сакаат целосна контрола над светот и самите се подложни на природни закони што не можат да ги изменат. Орвел не сакал да биде сентиментален ниту за природата ниту за годишните времиња. Но верувал дека нивниот ритам ни открива важни вистини за моќта, контролата и нашите илузии. Јануари не може да се избрише – и токму затоа, за Орвел, тој носи нешто добро. Можеби никогаш не го кажал вака, но пораката е јасна: јануари ни е пријател.

13 јануари 2026 - 15:48